Командантот на силите на САД за Европа и Африка, генерал Кристофер Каволи, денеска престојува во работна посета на Република Северна Македонија. Во рамките на посетата генералот Каволи имаше одвоени средби со министерката за одбрана Радмила Шекеринска и началникот на Генералштабот Васко Ѓурчиновски, на кои присуствуваше и амбасадорката на САД Кејт Мери Брнс.
Министерката Шекеринска го информираше генералот Kаволи дека воената интеграција на Северна Македонија во НАТО се одвива според планот и се очекува да заврши до крајот на оваа година. Таа се заблагодари за ангажманот на инженериската единица на Армијата на САД во подготовката на полигонот Криволак за вежбата „Одлучен удар 21’ која деновиве се одвива на полигонот. Развојот на Криволак е заедничка цел, на која Армијата на Северна Македонија и Армијата на САД работат сојузнички - рече министерката.
Членството на Северна Македонија во НАТО и отворањето на преговорите со Европската унија се од клучно значење за безбедноста и стабилноста во регионот – беше речено на средбата.
На средбата стана збор за важноста на развивањето на регионалната соработка меѓу сојузниците и за потребата од што побрзо разрешување на разликите во рамките на евро-атлантското семејство како дел од посветеноста на заедничката безбедност.
На состанокот со началникот на Генералштабот Васко Ѓурчиновски и дел од армиските генерали, на генералот Каволи му беа презентирани активностите што се однесуваат на процесот на нашата потполна воена интеграција во НАТО, ангажманот во мировните операции предводени од НАТО и подготовката за потполна оперативна способност на Лесната пешадиска баталјонска група. Во тој контекст стана збор за зајакнувањето на меѓусебната соработка и учеството во вежбовните активности предводени од командата на силите на САД за Европа и Африка меѓу кои вежбата „Одлучен удар21“ како дел од вежбата „Defender Europe 21’.
Генералот Ѓурчиновски упати благодарност за континуираната поддршка од Вооружените сили на САД, при што со изведување на заедничка обука и вежби нашие единици ја зајакнаа својата способност и ја постигнаа интероперабилноста според стандардите на НАТО.
Од страна на генералот Каволи беше истакнат интензивниот интегративен прогрес кој го спроведува Армијата по полноправното членство во НАТО, притоа потенцирајќи дека тоа е резултат на одичната подготвеност и залагања на Армијата и Министерството. Со своето учество и придонес во НАТО мисиите и регионалната безбедност, Северна Македонија е пример за целиот регион – оцени Каволи.