Владата ќе ја одржи 77-мата седница
Владата на Република Северна Македонија денеска ќе ја одржи редовната 77-ма седница на која, според Дневниот ред ќе биде разгледан Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи.
Пред министрите на разгледување ќе се најдат и Информацијата за склучување на Договор за издавање на гаранции од гарантен фонд организиран од Развојна банка на Северна Македонија АД Скопје, како и Информацијата за склучување на Договор за администрирање на Фондот за финансиска поддршка и поддршка на ликвидноста - КОВИД 4 со Предлог одлука за распределба на средства обезбедени од Буџетот на Република Северна Македонија на Развојната банка на Северна Македонија АД Скопје за финансиска поддршка и поддршка на ликвидноста - КОВИД 4.
На седницата, на предлог на Министерството за труд и социјална политика ќе се разгледува и Информацијата за формирање на Национално координативно тело за имплементација на Конвенцијата на Совет на Европа за спречување и борба против насилство врз жените и семејното насилство, со Предлог-одлука и Предлог-решение.
Седницата, која ќе започне во 12:00 часот и на која ќе бидат разгледани повеќе точки на дневниот ред од Владината програма за работа и од интерес на граѓаните, ќе се одржи со физичко присуство на членовите и службите во Владата.
За донесените одлуки и заклучоци од редовната 77-ма седница, јавноста ќе биде известена преку соопштение веднаш штом ќе биде завршена.