Тодоров ги посети кабинетот за остеодензитометрија и одделите за постојан мониторинг и за дијализа во Тетовската клиничка болница
Министерот за здравство Никола Тодоров денеска во Клиничката болница Тетово ги посети кабинетот за остеодензитометрија, одделот за постојан мониторинг на болните на интезивна нега и одделот за дијализа каде во тек се зафати за обнова на просториите.
Тој информира дека новиот апарат за дензитометрија, со кој се утврдува густината на коските, е веќе инсталиран и тој од понеделник ќе може да ги прими првите пациенти.
Во одделот за интезивна нега, посочи Тодоров, е инсталирана централна станица на мониторинг и во машкиот и во женскиот дел, со што, подвлече, се добива повисок квалитет за следење на состојбите со овие тешко болни.
- Во одделот за хемодијализа, во тек е обновата на просториите кои повеќе децении биле оставени така. Бидејќи тука се работи секој ден, обновата оди етапно по една просторија, за другите две да се во функцијата. Се реновираат и тоалетите, така што очекувам целата работа тука да заврши за 10 до 15 денови, изјави Тодоров.
Министерот за здравство најави и повторно воведување на колоноскопијата во Тетовската болница, како метода што била применувана пред десеттина година.
- Тетово поседува ендоскопски стол за гастроскопија и со набавка и инсталирање на една дополнителна сонда ќе може да се користи и за колоноскопија, метода која е неопходна за навремено откривање на канцерот на дебелото црево за што сега треба да се оди во Скопје. И за ова тука имаме остручен кадар, а ние сме подготвени како Министерство да обезбедиме и дополнителен тренинг, рече Тодоров.
Тој нагласи оти очекува изградбата на новиот објект на Дијагностичко ургентниот центар, каде ќе има најсовремена и најскапа медицинска опрема, да се заврши според предвидената динамика односно тој да профункционира до крајот на мај.
- За овие четири денови од нашиот престој воспоставувме процедура наутро да се определи што треба да се гради, а навечер точно да се определи што е направено. Во овој тим беше вклучен и претставник од Тетовската клиничка болница и на тој принцип ќе треба и да се продолжи по завршувањето на нашата посета, истакна министерот Тодоров и изрази надеж дека на овој начин се забрзуваат повеќе работи и активности, а се придонесува и за подигнување на квалитетот на медицинските услуги кон пациентите.
Одговарајќи на новинарско прашање околу информациите за усогласен настап на веледрогериите и понудите со исти цени за еден лек од различни понудувачи до болниците низ државата, Тодоров рече оти очекува Комисијата за заштита на конкуренцијата да постапи согласно надлежностите.
- По веќе доставената документација за ваквите случаи во Клиниката за онкологија и Штипската болница, ист е случајот и со Клиничката болница Тетово. Досега стекнав впечаток оти кај директорите има страв од нивна можна вмешаност во ваквите постапки, но сметам дека кај нив нема вина бидејќи ова било вообичаена практика и тие немале друга алтернатива бидејќи откако 2, 3 или 4 снабдувачи ќе настапат усогласено со иста цена за едн лек, а ако се знае дека главен критериум е што пониска цена, директорите биле приморани да ги ангажираат сите вакви понудувачи, изјави Тодоров.
Посочи дека директорите можат да бидат мирни бидејќи, како што рече, треба само да ја достават целата документација и доказите, а Министерството ќе ги достави до Комисијата за заштита на конкуренцијата.
Завчера, потсети тој, се доставени речиси 10 фасцикли со документи, вчера дополнително се испратени нови, а денеска ќе го направиме истото. Тој очекува Комисијата во разумен рок да постапи согласно своите надлежности.
Во однос на притисоците што наводно биле вршени од страна на веледрогериите врз медиуми и институции на системот за ова прашање, Тодоров изјави дека е научен да работи под вакви и слични притисоци. Тој истакна дека тие притисоци нема да го уплашат или поколебаат да излезе на крај и со оваа работа.
- Станува збор за појава што го загрозува работењето не само на здравствениот, туку и на државниот систем во целост. Мислам дека истрајноста во овој дел ќе биде и тоа како значајна за завршување на случајот, рече министерот за здравство Тодоров.