Во Врховниот суд одблежен Денот на правосудството на Република Македонија

Независноста на судскиот систем претставува основен столб на правниот поредок заснован врз принципот на владеењето на правото и на функционирањето на правната држава, истакна денеска министерот за правда Блерим Беџети на одбележување во Врховниот суд по повод 31 март – Денот на правосудството на Република Македонија.

Беџети посочи дека остварувањето и заштитата на човековите права во секое демократско општество најнепосредно се поврзани со ефикасноста на судството како самостојна власт во правниот систем на државата

Со реформските активности кои се преземаат, укажа министерот за правда, се јакнат капацитетите на правосудство, се забрзуваат судските постапки, се зголемува квалитетот на судските одлуки. Со воведувањето на современата технологија, пак, се зголемува транспарентноста на работата на судовите, со тоа и довербата на граѓаните  во судството, а од година на година се воспоставува систем на финансирање на судовите кој постојано се подобрува.

- Најновите статистички податоци за работата на судовите покажуваат ефикасност во спроведувањето на реформата во судството. Сето тоа претставува поттик за уште поинтензивни реформски активности чија главна цел е да им се овозможат на граѓаните услови за поефикасна заштита на човековите права. Со нашата целосна посветеност во спроведувањето на правосудните реформи ја потврдуваме и нашата цврста определба да истраеме на патот кон ЕУ и НАТО, што претставува особен интерес за граѓаните на Република Македонија, рече министерот Беџети на одбележувањето на Денот на правосудството на Република Македонија во Врховниот суд.