Заев: Владата континуирано ги подобрува условите за достоинствено живеење на пензионерите како градители на нашето општество

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев, денеска ја отвори 11-тата Републичка пензионерска ревија на песни, музика и игри во организација на Сојузот на здруженија на пензионери на Северна Македонија. Во своето обраќање тој ги поздрави пензионерите истакнувајќи ја нивната важна улога како градители на нашето општество.

Покрај премиерот Заев, на настанот се обрати и претседателката на Сојузот на здруженија на пензионери на Северна Македонија Станка Трајкова.

На денешниот настан, му претходеше серија на 8 регионални ревии низ различни локации во нашата земја.

Во прилог интегралното обраќање на премиерот Заев:

„Ми претставува посебна чест и задоволство да ја прогласам за отворена 11-тата Републичка пензионерска ревија на песни, музика и игри 2021 во организација на Сојузот на здруженија на пензионери на Северна Македонија.

Еве нé повторно заедно, откако лани, кога од познатите причини заради мерките за заштита од КОВИД-19 не можевме заеднички да ја поминеме 10-тата ревија.

Ситуацијата со пандемијата оваа година дозволи во поопуштена атмосфера да ја организирате и одржите оваа ваша централна традиционална манифестација и дружба, откако претходно беа реализирани 8-те регионални ревии.

Знам дека оваа пензионерска ревија на песни, музика и игри, во организација на вашиот Сојузот на здруженија на пензионери, ви значи многу, и токму затоа јас и оваа година прифатив да бидам под покровител и во мое име, и во име на Владата на Република Северна Македонија да ви честитам на успешните подготовки и да ви посакам успех во одржувањето на ревијата.

Нека ви протече во ведра и весела атмосфера затоа што вие сите го заслужувате тоа.

Јас ја користам оваа прилика, во име на целиот состав на Владата, да ви ја изразам длабоката почит за сето она што Вие, како работни луѓе и граѓани, го направивте за време на вашата работна кариера и за сето она што го правите и за време на вашите пензионерски денови.

Вие пензионерите сте нашите граѓани кои активно учествувале во градење на нашето општество и држава. Придонесот на секој од вас е важен и значаен.

Од тие причини велам, сите ние, сегашните генерации сме должни да ви изразиме неизмерна почит и благодарност.

И оваа ваша манифестација продолжува на свој начин да го прави она што вие го правевте додека ги извршувавте вашите секојдневни работни обврски како дел од сложениот и комплексен механизам каков што е општеството.

Републичка пензионерска ревија на песни, музика и игри во организација на Сојузот на здруженија на пензионери на Северна Македонија продолжува да ги негува и афирмира најубавите вредности на нашето општество.

Низ заедничкото дружење и негување на разноличниот фолклор и традиции ги афирмирате заложбите дека низ заедничка дружба и соработка можеме да градиме едно солидарно општество во кое ќе се почитуваат вистинските вредности.

Една од тие вредности е концептот едно општество за сите, кој, воедно, е и еден од главните стожери на владините политики. И во тој концепт има место и еднакви можности за сите.

Во спектарот на еднаквите можности за сите е и грижата за нашите највозрасни граѓани – пензионерите. Да им овозможиме достоинствени услови за живот.

Заедно со Министерството за труд и социјална политика ги исправивме неправдите и сега два пати годишно има усогласување на пензиите со трошоците на живот. Ова законско усогласување од една страна ги усогласува пензиите со трошоците на живот, од друга страна го штити фондот за ПИОМ за да можат и идните генерации пензионери да очекуваат стабилни и навремени исплати на своите пензии.

Со доследна примена на законските одредби и со начинот на дополнително усогласување на пензиите, во 2020 година пензиите се зголемија за 722 денари, линеарно за сите корисници на пензија, дури и во услови на економска криза заради пандемијата.

Убеден сум дека ова усогласување на пензиите ќе продолжи и во оваа година.

Грижа за пензионерите и да работиме во насока на подобрување на вашиот животен стандард е наша света обврска. Таа наша обврска е ваша заслуга произлезена од вашиот труд и вашата посветеност за време на вашиот работен ангажман.

Да завршам со тоа што уште еднаш ви посакувам убава дружба на вашата 11-та Републичка ревија на песни, музика и игри.

Останете во добро здравје. Негувајте го бодриот и весел дух и уште долги години одржувајте ја оваа манифестација како убав повод и причина заедно да се среќаваме и дружиме“.