Македонија и Хрватска ја продлабочуваат соработката во културата
Соработката во сите дејности на културата и меѓу институциите е на високо ниво и е конкретизирана низ бројни размени и гостувања на театри, изложби, проекти во областа на заштитата на културното наследство, оценија денеска во Загреб министерките за култура на Македонија и Хрватска Елизабета Канческа-Милевска и Андреа Златар-Виолиќ.
По средбата Канческа-Милевска, која е во прва официјална посета на Хрватска, истакна дека е уверена оти соработката ќе продолжи и уште повеќе ќе се интензивира со реализацијата на активностите кои се зацртани во Програмата за соработка во културата за 2012-2015, која беше потпишана лани во Дубровник.
Се заблагодари што Министерството за култура на Хрватска нив ги поддржува, набројувајќи го концертот на Македонската филхармонија на годинашните Дубровнички летни игри, гостувањето на изложбите „Синестезија“, „Невидливи пејзажи“ и „Пресек на современата македонска ликовна сцена“ на Музејот на современа уметност и на Прилепскиот театар на фестивалот „Еуроказ 2012“ во Загреб.
- Разговаравме и за издавачката дејност и за соработката во преводите на дела на македонски и на хрватски автори. Таа е на високо ниво и се надевам дека ќе продолжи и натаму, рече Канческа-Милевска на прес-конференција.
Таа ја истакна и поддршката за проекти што Министерството за култура им ја дава на Заедницата на Хрватите во Скопје и на Хрватското здружение „Марко Марулиќ“ во Битола.
Министерката на Хрватска Златар-Виолиќ, истакна дека разговарале за одделни проекти, но и за важноста на контактите на институциите кои нив ги реализираат.
- Нам ни е особено важно континуитетот во претставувањето на современата хрватска книжевност на македонски јазик. Има цела низа теми од современиот живот, а литературата и филмот се меѓу моделите кои, всушност, ни зборуваат за тие заеднички теми, рече Златар-Виолиќ, која по професија е книжевник.
Тие се согласиле и за важноста за управување со културата и ставање на културното наследство во функција на туризмот. Посочи дека е потребно поврзување на институциите и создавање копродукции со заедничка работа на уметниците за претставување во Европа.
Рече дека ја радува што многу македонски уметници ќе гостуваат во Хрватска и покрај оние што ги спомна Канческа-Милевска, го подвлече и гостувањето на режисерот Александар Поповски на театарскиот фестивал во Бриони. Нагласи и дека денешната прва билатерална средба не е само протоколарна, туку повод за вистинска културна соработка.