Заев од состанокот на работната група за дигитализација: Борбата со корупција и подобрување на квалитетот на живот на граѓаните ќе ги постигнеме со дигитализација на процесите

Претседателот на Владата на Северна Македонија Зоран Заев и заменик-претседателот на Владата задолжен за борба против корупцијата и криминал, одржлив развој и човечки ресурси Љупчо Николовски, денеска присуствуваа на редовниот состанок на работната група за подготовка на измени и дополнувања на закони заради дигитализација на процеси.

На состанокот беше потенцирано колку е важен процесот на дигитализација за подобрување на квалитетот на живот на граѓаните, како и за искоренување на корупцијата. Дополнително, беше истакната и улогата на претставници на институциите кои се дел од работната група, за реализација на зацртаните цели кои се дел од владината програма.

Како што подвлече премиерот Заев, дигитализацијата на процесите во администрацијата особено во делот на давање услуги, е нешто што започна пред извесен период и ќе продолжи се до целосна дигитализација и заменување на хартиените со електронски документи.

„Дигитализацијата е процес кој го започнавме и за кој рековме дека е приоритет на Владата. Треба да биде приоритет за сите министри, директори, градоначалници. За сите нас кои сме добиле доверба од граѓаните. Овој процес мора да се води заеднички и координирано. Во Програмата за работа на Владата сме определиле мерки и активности за подобар живот за граѓаните. Дигитализацијата и иновациите се главната реформа на современата, европска јавна администрација, помагајќи им на граѓаните и на деловната заедница да добијат најмногу од дигиталните технологии. Ова ни е пишано во Програмата за работа на Владата и сме дале збор дека јавната администрација мора да обезбедува дигитални услуги, како задолжителна опција“, истакна премиерот Заев.

Вицепремиерот Николовски, се осврна на борбата против корупција, и улогата што дигитализацијата ја има во тој процес.

„Процесот на дигитализацијата е една од клучните компоненти во Планот за борба против корупција, како еден од механизмите за спречување на корупција. Јасно е дека со минимизирање или комплетно елиминирање на човечкиот фактор, се намалува и ризикот од корупција и обидите за посегнување кон коруптивни дејствија, а тоа се увиде и од предлозите кои што ни беа доставен од невладиниот сектор. Па затоа, мерката бр.3 од Планот за борба против корупцијата се однесува на усогласување на законодавството во областа на дигитализацијата како механизам за борба против корупцијата. Најпрво, ваквата активност е неопходна заради надминување на констатираните системски слабости, но и во насока на создавање на единствен автоматизиран процес на издавање на акти кој значи и пократко време на чекање на документи, или воопшто да се изземе потребата од „одење од шалтер на шалтер““, рече Николовски.

На средбата се обрати и координаторот на работната група, Ана Малцева-Маринковиќ, која ги мапираше главните активности кои се во тек, и роковите кои мора да се запазат со цел навремена реализација на предвидените цели.

Членовите на работната група, го поздравија процесот, поддршката која ја добиваат од највисоко ниво, како потврда за важноста од процесот.

Со помош на дигитализацијата го подобруваме квалитетот на живот на граѓаните, го олеснуваме начинот на кој тие комуницираат со институциите. Првиот контакт со секоја институција, сликата што граѓаните ја имаат за Владата, се добива преку искуството на шалтер, преку редовите за чекање, преку грешни документи и шетање низ различни институции. Само со заедничка посветена работа може да го промениме ова и да се обидеме граѓаните да добијат нова и убава слика за модерно општество кое во средиштето секогаш го има интересот за добробит на граѓаните, беше заклучокот на средбата.