Владата го заврши процесот на денационализација

Министерството за финансии го реши и последниот од вкупно 30.744 предмети за денационализација во првостепена постапка, информира денеска на прес-конференција вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески. 

Со решавањето на овие предмети, нагласи тој,  исправена е една голема историска неправда за околу 500 илјади граѓани на кои пред 50-тина години  им беше направена неправда, беа преку ноќ истерани од своите куќи, им беа одземани нивите дуќани и се што имаа. 

- Владата заокружи уште еден историски процес за граѓаните на Република Македонија, а тоа е процесот на денационализација. Денеска сите 30.744, од кои голем дел содржеа повеќе предмети се решени првпат од страна на комисиите во Министерството за финаснии, истакна Ставрески.  

Според статистиката на првостепените комисии за денационализација, како што појасни, најголем дел од предметите, односно над 15.000 се решени во периодот 2007-2012 година, а во последните години најсложените, најголеми и најобемни предмети, оние за кои била потребна најголема стручност и време за да се обезбеди соодветната документација и носеле тежина во донесувањето на одлуките.

- Најголем дел од донесените решенија се правосилни, а околу 10 отсто или околу 3.000 решенија се во жалбена постапка или во постапка пред Управниот суд. Тоа значи дека во второстепена постапка има околу 3.000 решенија кои понатаму како што ќе се изјаснува судот ќе бидат враќани кај комисиите и ќе бидат завршени, рече заменик-претседателот на Владата. 

Процесот, нагласи Ставрески, ги опфатил сите општини, сите граѓани на Република Македонија, без разлика на етничката и верската припадност. - Сите граѓани имаа подеднаков третман и сметам дека токму тоа ја прави големината на овој процес, кој е граѓански и во таа насока не прави разлики, додаде вицепремиерот Ставрески. 

Тој информира дека во процесот на денационализација, Министерството за финансии во периодот од 2001 заклучно со 2012 издало 10 емисии на обврзници во износ од 291 милион евра, а треба да издаде уште една емисија во вредност од 10 милиони евра. 

- Процесот на денационализација, односно враќањето на имотот на поранешните сопственици  е еден од клучните процеси на развојот на демократското општество во насока на функционирање на правниот систем, на исправање на неправдите што биле нанесени кон сопствениците и во насоки на враќање на имотот на оние на кои што вистински им припаѓа, истакна Ставрески. 

Законот за денационализација почна да се спроведува во мај 2000 година. Заклучно со мај 2005 година во управна постапка беа поднесени вкупно 22.809 барања, поради интересот од граѓаните во 2007 година Владата одлучи да даде и дополнителен рок за поднесување барања. Во декекмври 2007 до кога и беше продолжен рокот беа доставени уште 7.935 нови барања.