Димоски присуствуваше на уништување на запленети мрежи во Охридското Езеро
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димоски денеска го посети Хидробиолошкиот институт во Охрид, каде присуствуваше на уништувањето на дел од мрежите и опремата за криволов, запленети од рибочуварските служби на Охридското Езеро.
- Станува збор за 1.303 парчиња мрежи, со вкупна должина од 52 километри. Тоа се мрежи на луѓе кои не го сакаат езерото и вршат криволов покрај сите напори што Министерството за земјоделство заедно со Хидробиолошкиот институт ги вложува за негово порибување и заштита, рече Димоски.
Тој нагласи дека како и досега така и во иднина нема да се толерираат таквите противзаконски активности, односно дека Министерството ќе ги преземе сите законски средства во негова ингеренција за целосно спроведување на одредбите пропишани со Законот за рибарство и аквакултура.
Во врска со одредените критики на некои еколошки друштва по однос намерите за издавање на Охридското Езеро под концесија, министерот Димоски истакна дека тоа е одреден начин за поголема заштита на рибниот фонд.
- Езерото подолго време беше без концесионер и тоа гледате каде не доведе. Сметам дека стопанот кој ќе биде избран за концесионер на Охридското Езеро соодветно ќе се грижи за рибниот фонд, додаде Димоски.
Тој најави дека се во тек одредени измени на Законот за рибарство и аквакултура, за зајакнување на казнените мерки предвидени за криволовците, во насока на што поголема заштита на рибниот фонд на Охридското Езеро.
И директорот на Државниот инспекторат за земјоделство Румен Стаменов, со став дека издавањето на Охридското Езеро под концесија е во насока на што поголема заштита на рибниот фонд.
- Со издавањето на езерото под концесија заштитата на рибниот фонд ќе се подоби, односно ќе се удвои. Концесионерот има обврска да формира рибочуварска служба која ќе биде контролирана и од Инспекторатат, истакна Стаменов.
Тој најави засилена контрола и на рестораните кои на менито ја нудат охридската пастрмка, со цел запирање на илегалната трговија со овој ендемичен вид риба.