Заев и Филипче: И во екот на справувањето со КОВИД-19 не престана грижата за обновата на болничката инфраструктура и за опремување со најдобрата и најсовремена опрема

Премиерот Зоран Заев придружуван од заменик-претседателот на Владата за борба против корупција и криминал, за одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски, министерот за здравство, Венко Филипче и директорот на Клиниката за ортопедија на ТОАРИЛУЦ, д-р Александар Трајановски денеска извршија увид во завршени реконструктивни зафати на реновираното крило на Клиниката за ортопедија на ТОАРИЛУЦ.

 

 

„Денеска сме тука за да одбележиме уште еден успех во серијата остварувања за подобар јавен здравствен систем во нашата земја првенствено во интерес на нашите граѓани заради грижата за нивното здравје и заради нашите доктори, професори и другите здравствени работници. Во изминатиот период, додека целиот наш здравствен систем беше ставен во првата линија на борбата против пандемијата со КОВИД-19, не престана и грижата за обновата на болничката инфраструктура и грижата за опремување на нашите здравствени капацитети со најдобрата и најсовремената опрема за врвни здравствени услуги за нашите граѓани“, истакна во својата изјава за медиумите претседателот на Владата Заев.

Премиерот Заев исто така додаде дека претходно на Универзитетската клиника за трауматологија, ортопедски болести, реанимација, интензивно лекување и ургентен центар (ТОАРИЛУЦ) беше направена комплетна реконструкција на операционите сали по сите светски стандарди. Дополнително се заменија и се надградија сите постојни инсталации за безбеден и непречен доток на медицински гасови, сигурна електрична и нова водоводна инсталација.

 

 

Министерот за здравство, Венко Филипче истакна ова е уште една во низата на реновирања на одделенијата на хируршките клиники во објект изграден 30-тите години од минатиот век и во кој повеќе од 70 години не е извршено никакво реновирање на просториите.

„Оваа клиника е позната по својата експертиза и искуство. Со години на ова одделение се лекуваат пациенти кои имаат малигни заболувања на коскениот систем, всушност и само тука тоа се прави. Реновирањето ги задоволува сите светски стандарди со новите апартмани за пациентите. Продолжуваме со реновирањето и на останатите делови на старите објекти се со цел задоволни пациенти“, додаде министерот Филипче.

 

 

Директорот на Клиниката за ортопедија на ТОАРИЛУЦ, д-р Александар Трајановски потенцираше дека е од исклучително значење што докторите ја имаат максималната поддршка и од Владата и од министерот за здравство за сите свои потреби и дека со оваа реконструкција добиваме задоволни пациенти и задоволен медицински кадар.