Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев денеска се обрати на настанот по повод почетокот на работите на кружните сообраќајни решенија на крстосниците на булеварот „8 Септември“ со улицата „Скупи“ и на клучката на булеварот „8 Септември“ со булеварот „Никола Карев“.
На настанот премиерот Заев беше придружуван од заменик-претседателот на Владата за борба против корупцијата и криминал, за одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски, Петре Шилегов, градоначалник на Град Скопје како инвеститор на работите на овие сообраќајни решенија и градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев.
Во продолжение на соопштението ви ја пренесуваме изјавата на премиерот Заев во целост:
„Владата на Република Северна Македонија обезбедува максимална финансиска, политичка и сета друга неопходна поддршка за проектите што се од најдиректен интерес за граѓаните и што ги спроведуваат општините и Град Скопје.
За време на целиот свој мандат и во континуитет градоначалникот на Скопје Петре Шилегов е посветен на подобро функционирање на градот и тоа граѓаните на главниот град го гледаат во секој дел од градот.
Денеска сме тука за да го поздравиме стартот на работите на модерни сообраќајни решенија за две исклучително важни клучки во зоната Момин Поток.
Едното решение е кружниот тек на булеварот „8 Септември“ со улицата „Скупи“ и второто кај клучката на булеварот „8 Септември“ со булеварот „Никола Карев“ со екстензија кон булеварот „Словенија“ и со делницата на идното автопатно решение во делот на индустриската зона „Визбегово“.
Кога ќе бидат завршени овие две сообраќајни решенија кои опфаќаат и два моста на реката Серава и дополнителни коловозни ленти и крстосници, ќе се обезбеди лесен и со ништо непопречуван проток на преку 25.000 автомобили дневно колку што изнесува фреквенцијата на овие булевари.
Освен модерните и функционални сообраќајни решенија и изградбата на патната инфраструктура според највисоки стандарди со овие зафати ќе се осигура поефикасно меѓуопштинско поврзување на Општините Центар, Чаир, Карпош и Општина Бутел.
Ова е третата фаза од целосната реконструкција на булеварот „Никола Карев“ која започна со делницата од надвозникот кај Бит Пазар и со која се реши познатата „Пластичарска“ до касарната „Илинден“. Втората делница беше пуштена во саботата и ја опфати делницата на булеварот „Никола Карев“ од касарната „Илинден“ до клучката кај Момин Поток.
Оваа делница, во должина од 980 метри се прошири на 4 сообраќајни ленти, со разделно зеленило и нови мешани пешачко-велосипедски патеки од двете страни, како и со ново лед осветлување кое овој дел од градот го прави сега безбедно место и за велосипедистите и пешаците.
Заедно со реконструираниот булевар „8 Септември“, сега на овој потег на градот имаме современи велопатеки во должина од 6,5 километри.
Чекор по чекор Скопје и неговите сообраќајни решенија прават една нова приказна за нашиот главен град.
Администрацијата на Град Скопје предводена од градоначалникот Петре Шилегов во изминатиот период ги реконструираше најфрекфентните улици низ градот и над дваесетина главни клучки со модерни и функционални сообраќајни решенија.
Скопје со актуелното градско раководство ги решава напластените проблеми во инфраструктурата на градот која беше целосно запоставена за сметка на расипничкиот проект „Скопје 2014“ и спроведува проекти за хуманизација на просторот за живеење.
Завршувам со честитки за успешното и навремено реализирање на сите досегашни проекти и со желби со тоа темпо да продолжи и изградбата на овој и на сите идни проекти на градот кој во својот фокус го имаат интересот на граѓаните.“