Средба на премиерот Заев со косовската заменик-премиерка и министерка Гервала-Шварц: Балканот е дел од Европа, а евроинтеграциите се од полза и за регионот и за ЕУ

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, се сретна со Доника Гервала-Шварц, втора заменик-премиерка и министерка за надворешни работи и дијаспора на Република Косово.

На состанокот е заеднички констатирано дека односите помеѓу двете држави се добри, дека Косово е меѓу значајните трговски партнери на нашата држава, а е разговарано и за перспективите коишто се гледаат во европските интеграции.

Споделени се информации дека граѓаните и на Северна Македонија и на Косово, во голем дел, ги поддржуваат европските перспективи и дека државите се подготвени да продолжат да се развиваат во тој правец, преку унапредување на меѓусебната соработка, постојани унапредувања во владеењето на правото, на борбата против криминалот и корупцијата и продолжувањето на реформите во сите области важни за граѓаните во секојдневното живеење.

На состанокот е изразена поддршка од Косово за очекуваниот исчекор на Северна Македонија и на Албанија кон ЕУ, бидејќи, како што е констатирано, тоа е од полза за целиот регион, поради европските и демократски вредности што ги мотивира овој процес на Балканот, како и за самата Европа, којашто е целосна заедно со Западен Балкан којшто и географски е дел од неа.  

„Единствената алтернатива за Северна Македонија, како и за регионот е Европската Унија. Направивме храбри чекори на политички план, ги спроведовме очекуваните реформи и оправдани се нашите очекувања ЕУ да ги вреднува овие постигнувања. Во меѓувреме работиме на европеизација на државата дома, со цел континуиран напредок во животниот стандард на граѓаните“, рече премиерот Заев.

Претседателот на Владата, Заев, зборуваше и за придобивките од иницијативата „Отворен Балкан“, како продолжување на Берлинскиот процес, а во насока на заедничко дејствување на државите во регионот, односно поблиска и поефикасна соработка меѓу институциите во земјите, со цел олеснувања и нови можности за развојот на економиите и постигнување бенефити во квалитетот на живот на граѓаните, за што се заложуваат раководствата на сите држави.