Епидемијата, поплавите и пожарите не потсетија колку е важно да се продлабочи регионалното заедништво - истакна министерката Радмила Шекеринска во денешното обраќање на церемонијата на предавање на претседавањето со Процесот на министерска соработка во одбраната во Југоисточна Европа, од Република Албанија на Република Бугарија, која се одржа во касарната „Боро Менков“ во Куманово, каде што се наоѓа седиштето на Бригадата на Југоисточна Европа која е дел од овој процес.
Церемонијата, на која воедно беше одбележана и 22- годишнината од формирањето на Бригадата на Југоисточна Европа собра на едно место високи претставници од земјите учеснички: Северна Македонија, Бугарија, Грција, Албанија, Романија и Турција.
„Процесот на министерска соработка е одличен форум за регионален дијалог и безбедносна соработка, но и модел за градење на добри односи меѓу соседите. Состојбите со епидемијата, поплавите и пожарите не потсетија колку е важно и да се продлабочи регионалното заедништво преку инвестирање во кризен менаџмент и создавање на механизми за справување со овие нови предизвици со кои се повеќе ќе се соочуваме во иднина“, рече Шекеринска, заблагодарувајќи се притоа на сите сојузници и пријатели од регионот и пошироко кои, како што подвлече, несебично ни пружија помош во справувањето со шумските пожари.
Министерката порача дека по исполнувањето на една од двете стратешки цели на земјава – членството во НАТО, приоритет е интеграцијата во ЕУ. „Сега сме дел од најмоќната воена и политичка Алијанса и сојузници со најмоќните држави на светот. Сакам да нагласам дека нема да застанеме тука бидејќи имаме се уште работа на планот на интегрирањето со ЕУ“, нагласи Шекеринска.
Министерката се заблагодари на напорите што ги вложи Албанија за соработката во министерскиот процес и ја истакна својата увереност дека и Бугарија како следен претседавач ќе продолжи во иста насока.
Како дел од овој процес, на почетокот на ноември во Скопје ќе се одржи министерски состанок на земјите членки, на кој се очекува да бидат реафирмирани политиките на заедништво и солидарност во справувањето со новите закани и предизвици.
Во прилог интегралното обраќање на министерката Шекеринска:
Почитувани заменици министри,
Почитувани генерали,
Почитувани амбасадори,
Воени аташеа,
Драги колеги и пријатели,
Денес одбележуваме точно една година откако Штабот на SEEBRIG официјално почна да работи во Куманово.
И ние имаме своевидно локално одбележување, земајќи предвид дека ја одбележуваме првата годишнина од присуството на SEEBRIG тука. Официјално, SEEBRIG започна со работа од Куманово, минатата година, и со особена чест ја прифативме обврската да бидеме домаќин на Командата, по Констанца, Истанбул и Лариса, сега во Куманово, Затоа, ни претставува огромно задоволство што околу 40 претставници на нашите различни армии, во придружба со нивните семејства, работат заедно и придонесуваат кон успешната работа на командата.
SEEBRIG е исклучителен инструмент на меѓусебно разбирање, соработка и продлабочување на довербата помеѓу Северна Македонија, Албанија, Бугарија, Грција, Романија и Турција.
Цели 22 години SEEBRIG е фактор за регионална стабилност и потврда дека заеднички можеме соодветно да одговориме на современите безбедносни предизвици.
Во оваа прилика, сакам да му оддадам признание на командантот на SEEBRIG, бригадниот генерал Илиопулос, за неговиот несебичен придонес и начинот на кој ја водеше Бригадата во изминатата година, исполнета со тешките предизвици и неизвесност поврзана со COVID-19 пандемијата.
Ни претставуваше задоволство што бевме ваши домаќини тука во Куманово, а сигурна сум дека им претставуваше и задоволство и привилегија на многу наши претставници да соработуваат со вас и вашите колеги. Воедно, убедена сум дека ќе продолжи да ги гради и зацврстува сите капацитети SEEBRIG, кои играат важна улога во зацврстувањето на регионалната одбранбена соработка.
Почитувани присутни,
Регионалната стабилност не е избор, туку потреба за сите наши земји и за нашиот регион.
СЕДМ е докажан форум за безбедносна соработка и извонреден форум за регионален дијалог.
Верувам дека, ротациското претседателство овозможува да се одржи високото ниво на посветеност и секоја земја да даде максимален придонес.
Во изминатите две години, и покрај првичниот шок и предизвиците предизвикани од COVID-19 пандемијата, Албанија вложи исклучителни напори за јакнење на соработката Југоисточна Европа, работеше на продлабочување на соработката со меѓународните организации ија задржа и промовираполитиката на “Отворена врата”.
Посебна благодарност на претходното Претседателство како и на Секретаријатот на СЕДМ за успешно завршената работа.
Во следните две години, претседателството ќе го преземеРепублика Бугарија, со не помалку амбициозна агенда. Честитам на Бугарија и очекувам нивното мото “Мудрост, соработка и сила“ во вистинска смисла да се справи со современите предизвици, така што со нетрпение ја очекувам нашата заедничка соработка.
Во изминативе години, СЕДМ процесот ја исполни својата намена. Кога беше потребно и се развиваше. Желбата беше да се направи еден уште поуспешен модел на соработка меѓу земјите членки во поглед на градењето добрососедски односи и зачувување на мирот и стабилноста на регионот.
Сепак, со промените на безбедносното опкружување кои продолжуваат да се случуваат и во моментов. Пандемијата, зголемувањето на илегалната миграција, новите и идните предизвици поврзани со ситуацијата во Авганистан, како и секогаш присутните предизвици на тероризмот, сајбер криминалот, лажните вести и дезинформациите, и последно поплавите и пожарите кои се зачестија во нашиот регион, сите тие ја наметнуваат потребата за постојано развивање и менување на нашата регионална соработка. Верувам дека сите овие настани, особено настаните ова лето, поплавите и пожарите кои сериозно го погодија регионот и повеќето нашите земји, не потсетија дека е потребно да инвестираме повеќе во развивањето способности и капацитети за управување со кризи и да фокусираме голем дел од нашата регионална соработка во оваа област. Воедно, се покажа и неопходноста да се инвестира во пофункционална регионална соработка во областа на управување со кризи со цел да се создадат регионални механизми за справување со овие предизвици со кои несомнено ќе се соочуваме и во иднина. Земајќи ги предвид климатските промени како и последните искуства со кои се соочивме.
Сакам да истакнам дека минатиот месец беше голем предизвик за Северна Македонија и дозволете ми да им се заблагодарам на Бугарија и Романија за силната поддршка за време на пожарите со кои се соочивме, особено во август. Значи, две од земјите кои учествуваат во SEEBRIG, Бугарија и Романија навистина ни излегоа во пресрет и ни помогнаа. Другите исто така се соочуваа со дури потешки и поголеми предизвици, како резултат на овие кризи. Верувам дека состанокот на Министри за одбрана кој ќе се одржи во ноември во Скопје, е одлична можност за рефлексија на заедничките цели и перспективи, но и можност да ги фокусираме нашите приоритети во полето на управувањето со кризи. Како може да се подобриме, како може да одговориме побрзо, и како може да соработуваме на позначаен начин.
Драги гости,
Минатата година, Северна Македонија исполни една од своите две стратешки цели. Сега сме дел од најсилната политичка и воена Алијанса. Со нас, НАТО има 30 членки и ние сме сојузници со некои од вас, но и со најмоќните земји во светот. Би сакала да нагласам дека нашите стратешки цели не застануваат тука, се надеваме и работиме на фокусирање на нашата втора стратешка цел, и со нетрпение го очекуваме почетокот на пристапните разговори со ЕУ, и како начин на подобрување на нашата локалната реформска агенда, и како начин за подобрување на нашите капацитети, како и регионалната стабилност и регионалниот просперитет. Но, дозволете ми да завршам со тоа што ќе кажам дека ниту членството во НАТО, ниту членството во ЕУ, нема да ги дадат очекуваните придобивки без нашата регионална соработка. Затоа, дозволете ми да истакнам дека Северна Македонија останува посветена на подобрување на нашата регионална соработка на иницијативи како оваа, но и на продлабочување на нашата соработка во рамките на SEEBRIG. Имајќи го ова предвид, со нетрпение очекувам да им посакам добредојде на моите колеги во ноември, и очекувам продолжување на континуираната соработка во рамките на двата формати. Ви честитам на годишнината и ајде да се соочиме со неизвесната иднина полна со предизвици со уште повеќе амбиции и уште поголема политичка волја.
Ви благодарам.