Вложуваме во нашите граѓани
Во претходниот мандат Владата на Република Северна Македонија покажа дека повисоки плати значат позадоволни работници и зголемена продуктивност. И во овој мандат ќе продолжиме со таа политика. За раст и развој потребни се знаења и задоволни работници, кои знаат дека се праведно наградени и вреднувани за вредноста што ја создаваат во нашата држава.
Политиката на Владата во овој мандат ќе биде да продолжи паралелно да ја намалува невработеноста и да стимулира пораст на платите, како што е наведено погоре.
Владината цел ќе биде да успееме да ја намалуваме невработеноста за 3% на годишно ниво. За време на кризата предизвикана од ковид ќе се бориме за секое работно место, како што тоа го покажавме во текот на првиот бран. Тоа ќе го правиме преку:
- Обезбедување на 2 милијарди денари секоја година за активните мерки за поддршка на вработување и самовработување
- Поддршка на секторите кои се најпогодени од кризата предизвикана од епидемијата преку поддршка за зачувување на работните места
- Продолжување на субвенционирањето на придонесите за фирмите што ќе ги зголемат платите на своите вработени од 600 до 6000 денари
- Ќе се доуреди сезонската работа, во насока на зголемување на периодот на сезонска работа, како и поголема договорна слобода, односно можност работодавачот да плаќа придонеси или надомест за сезонските работници во несезонскиот период
- Ќе воспоставиме ваучер-систем за плаќање на социјалните придонеси за сезонските работници, со што директно ќе влијаеме за намалување на сивата економија и заштита на оние “невидливи вработени” кои извршуваат работи, а не можат да остварат никакви бенефити ниту каква било законска заштита
- Во јавниот сектор ќе се укине можноста за работа по наполнети 64 години возраст, освен за дефицитарни кадри (како на пример здравствените работници и професорскиот кадар на Универзитетите). На тој начин ќе се отворат повеќе шанси за младите за работа во јавниот сектор, но и намалување на администрацијата во ресорите каде нема потреба од зачувување на работното место
- Ќе го понудиме концептот на флексибилно работно време за петок и можност за намалување на број на работни часови во текот на неделата со цел обезбедување на поголем баланс помеѓу професионалниот и семејниот живот.
Креирањето на соодветни економски и социјални политики налага целосна и јасна слика на конкретните економско-социјални состојби на државно и локално ниво. За таа цел, клучно е спроведување на попис на населението во најкус рок. Главниот фокус треба да е токму на економско-социјалните податоци кои недостасуваат, додека довербата во процесот и резултатите ќе се гради и преку правична застапеност на сите етнички заедници во процесот на попишување.
Во овој домен, главната задача на оваа Влада ќе биде да ја вратиме довербата на младите во извесна и сигурна иднина во нашата држава, и затоа ќе водиме и таргетирани политики за зголемување на нивната вработеност:
- Продолжување на исплатата од 3000 денари месечно младински додаток за вработени млади лица до 23 години со завршено најмалку средно образование кои работат во производството
- Поврат на персоналниот данок на доход за сите нововработени под 30 години, во првите две години при што сретствата ќе се враќаат директно на нивна сметка
- Ослободување од плаќање данок на сите новосоздадени приватни претпријатија, формирани од млади до 30 години или жени, се додека прометот е под 3 милиони денари
- Директна поддршка на младинското и женското претприемништво преку грантови во висина од 5000 до 15000 евра за почеток на сопствен и нов бизнис
- Ќе формираме Фонд за млади умови во кој ќе повикаме да се вклучат млади луѓе што заминале од државата и се докажале и оствариле резултати во наука, бизнис, и други области. Истите ќе се ангажираат како ментори на децата и младите од татковината
- Закон за младинска гаранција со што ќе се институционализира оваа форма на поддршка на младите до вработување
- Формирање фонд за стипендирање на млади луѓе за потребите на занаетчиството
- Засилена практична настава во средните стручни училишта, преку модели на соработка со сојузите на стопански комори и локалната самоуправа, како и младински натпревари за претприемништво
- Соработка на т.н. triple helix, при што универзитетите, бизнис заедницата и Владата заедно да ги подготвуваат наставните програми, кои ќе бидат вистински одговор на потребите и барањата на пазарот на трудот
- Закон за поддршка на социјално претприемништво, со фокус на младите и жените, и со отворање на три центри за поддршка на социјални претпријатија
- Отварање на можноста редовните студенти да стапат во редовен работен однос, определен број часови – опција која им е на располагање на студентите во најголем број европски земји.