Функционална правна држава
Демократијата се заснова врз владеењето на правото и судската независност, a спроведувањето на законите мора да и служи на потребата за правда и правичност. На сите ни треба систем на правда кој ќе ги штити нашите слободи и права и заедничкиот систем на вредности.
Владата на Република Северна Македонија е силно посветена на длабоки и суштински реформи во правосудството. Само на тој начин ќе овозможиме владеење на правото, а не на моќниците и доследна борба со криминалот во државата. Доследно ќе ја спроведуваме Стратегијата за реформи во правосудството која ќе е наш влог и во ефикасни и успешни преговори со Европската унија.
Владата има целосен консензус дека е неопходно ефикасно и објективно „прочистување“ во правосудството. Првиот чекор за ветинг е веќе направен со надлежноста на ДКСК да ја испитува имотната состојба на судиите и јавните обвинители. Судскиот совет од своја страна, согласно новите закони, најави детална проверка на работата на судиите, особено во врска со одредени постапувања по предмети кои беа доведени до застареност со одлагање, ретки рочишта и слично. Проверка може да го опфати личното и професионално минато, стручноста и отпорноста на влијание на интересните групи.
Овие проверки од страна на веќе постоечки институции и веќе вградени законски основи најавуваат дека резултатите можат да бидат брзи и ефикасни и да обезбедат функционирање на владеењето на правото и решавање на системските проблеми кои долговреме се провлекуваат во домашното судство.
Владата ќе се посвети на обезбедување на ЕУ мониторинг на судските предмети на висока корупција штом е можно побргу. Бевме прва држава во регионот кои од ЕУ побаравме веднаш да ја стартура иницијативата за мониторинг на судските предмети врзани со висока корупција. Европската комисија тоа го поддржа и најави брз старт за овој инструмент. Сметаме дека овој чекор ќе ја зголеми одговорноста на обвинителите и судиите, ќе ја зајакне борбата против корупција, но и ќе ја зголеми довербата на граѓаните во својата држава и нејзините институции.
Владата ќе предложи и законска обврска за објавување и јавен пристап до аудио снимките од сите судења за висока корупција и организиран криминал. Јавноста ни е најсилниот сојузник во борбата против криминалот и корупцијата. Затоа, ќе создадеме законска обврска за објава на аудио снимки од сите судења за кои постои поширок јавен интерес, како дополнителна брана за волунтаризам, необјективност и неправилности во спроведувањето на судската постапка.
Владата, како и во претходниот мандат, ќе поддржи формирање на анкетни комисии или иницирање на меѓународна поддршка и мониторинг за одредени случаи кои создаваа меѓуетничка недоверба и тензии како Алфа, Монструм, Диво насеље, итн.
Ќе предложиме и законски обврски со кои ЈО ќе мора редовно и континуирано да ја информира јавноста за својата работа и напредокот во предмети кои ги следат граѓаните. Само со транспарентна работа ќе се справиме со криминалот и корупцијата, но и со недовербата кон правната држава која ја имаат граѓаните.
Граѓаните во Република Северна Македонија честопати се откажуваат од судска заштита на своите права заради високите судски такси. Ќе ги намалиме судските такси, бидејќи високите судски такси ја прават правдата недостапна за граѓаните. Во судските постапки во кои се тужи државата за прекршување на правата на граѓаните, судските такси ќе се плаќаат единствено по завршување на процесот, ако судот утврди дека немало нивно прекршување.
АКМИС системот мора да биде централизиран, а судовите да бидат поврзани вертикално и хоризонтално. Нивната меѓусебна комуникација мора да биде непречено електронска, а информатичкиот центар во Врховниот суд мора да биде кадровско и технички силно зајакнат за да обезбеди сигурност на податоците. Така, ќе се воведе електронска комуникација со јавните обвинителства, задолжителна електронска комуникација со адвокатите, извршители, нотарите, медијатори, Агенцијата за катастар на недвижности, Централниот регистар, Државното правобранителство и други субјекти.
Граѓаните ја губат вербата во системот кога постојано слушаат за кривични пријави и истраги за одредени кривични поведенија, а потоа не гледаат никаква акција ниту резултат. Имаат чувство дека во јавнообвинителскиот лавиринт најлесно се губи вистината. Од друга страна, ЈО се соочува со многу слаба и застарена информатичка технологија и обработката на податоци во јавните обвинителства. Во моментов постојат компјутери и програма за работа во јавните обвинителства (Case Management System), но мора да биде прецизиран правниот основ за да се утврди задолжително работење по тој систем, да биде утврдена одговорноста и да се отстрани можноста за злоупотреба. Така, со своевидниот АКМИС во јавните обвинителства, ќе биде јасно каде завршува секоја кривична пријава, што било преземено, кој бил одговорен по конкретни предмети и сл.
Владата ќе предложи нов модел со кој ќе се спречат злоупотребите на системот на судии-поротници преку промена на начинот на избор, одредби за конфликт на интереси, зајакнување на одговорноста на поротниците и посебни процедури за гласање при донесување на одлуки. Дополнително, ќе ги вградиме во законите и препораките од Извештајот на ОБСЕ од мониторингот на одредени предмети.
Владата во првите 3 месеци ќе го ревидира системот за извршување на алтернативни мерки, воспоставен со Кривичниот законик кој се покажа како нефункционален во пракса. Со ова ќе се обезбеди ефикасен надзор на лицата кои се условно отпуштени или на кои им е изречена условна осуда со заштитен надзор, успешно извршување на куќниот затвор и мерката куќен притвор (електронско следење на лицата на кои им се изречени), како и спречување на нивно бегство од државата.