Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев денеска, придружуван од министерот за надворешни работи Бујар Османи го прими министерот за надворешни работи на Република Грција Никос Дендиас, со кого позитивно го оценија динамизирањето и континуираното зајакнување на политичкиот дијалог во последните неколку години, со цел градење пријателство и доверба меѓу двете соседни земји.
На средбата, на која дел од повеќечлената грчка делегација беше и заменик-министерот за надворешни работи надлежен за економска дипломатија Костас Франкојанис, премиерот Заев посакувајќи му срдечно добредојде на шефот на грчката дипломатија Дендиас, изрази благодарност за поддршката која грчката Влада ја дава на нашата земја во однос на успешно остварување на нашиот пристапен процес за членство во ЕУ, соработката на промовирање на европската перспектива на земјите од Западен Балкан и помошта за совладување на здравствено-економската криза која беше предизвикана од пандемијата од КОВИД-19.
На денешниот состанок, од особена важност беше оценета економската соработка меѓу Северна Македонија и Република Грција, која, како што беше нагласено, е одраз на пријателството и соработката на двете земји во повеќе области, што произлегува од имплементацијата на Преспанскиот договор, кој е голем чекор за зголемување на соработката во бизнис секторот, енергетската област, транспортот дигитализацијата, културата, областа на одбраната.
Денешната средба, премиерот Заев ја искористи да ја информира грчката страна за значајните активности кои од страна на државата се преземени за прилагодување на обврските од Договорот од Преспа, како и натамошни планирани соодветни процедури.
На средбата беше констатирано дека Република Грција останува гласен поддржувач на Северна Македонија и земјите од регионот во нејзините напори за европска интеграција, истовремено, позитивно беше оценета силната и безрезервна поддршка што Грција постојано ја дава на Северна Македонија како рамноправна членка во НАТО.
„Нашата Влада смета на грчка поддршка меѓу земјите членки на ЕУ во однос на нашето членство, бидејќи тоа е нашата единствена алтернатива и од особено значење и важност се односите и соработката меѓу нашите две земји за нашето пристапување во Европската Унија“, рече премиерот Заев оценувајќи го особено позитивно периодот по Преспанскиот договор, за кој е карактеристично интензивирањето на пријателските односи особено преку средби, контакти и иницијативи спроведени на сите нивоа.
На денешната средба беше констатирано дека соработката на земјите членки на Европската Унија е доказ дека сите отворени прашања можат да се решат преку дијалог, а за тоа се доказ многу поранешни несогласувања меѓу земјите, кои денеска имаат одлична соработка на сите нивоа.
На средбата меѓу премиерот Заев и министерот за надворешни работи на Грција Дендиас, позитивно беше оценета вкупната трговска размена меѓу Северна Македонија и Грција, за јануари-август 2021 година која изнесува 395,8 милиони американски долари, со раст од 20,3 % во споредба со истиот период во 2020 година со заклучок дека вистинскиот начин за успешна соработка меѓу земјите е зголемувањето на економската соработка, која носи придобивки за сите граѓани, кои се одразуваат на нивниот квалитетен и просперитетен живот.