Премиерот Заев ќе учествува на Бледскиот стратешки форум, Словенија
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев, денеска замина за Република Словенија, каде што утре, 01.09.2021 година (среда), ќе учествува на лидерскиот панел на тема „Иднината на Европа - Проширувањето“, кој е дел од 16. Бледскиот стратешки форум „Иднината на Европа“, кој од денеска, 31 август, до 2 септември се одржува во Блед.
На панелот, на кој воведно излагање ќе има словенечкиот претседател Борут Пахор, учествуваат комесарот за соседство и проширување на Европската Унија, Оливер Вархеји, претседателот на Европскиот совет, Чарлс Мишел, високиот претставник на меѓународната заедница во Босна и Херцеговина, Кристијан Шмит, како и премиерите на Словенија, Јанез Јанша, на Црна Гора, Здравко Кривокапиќ, на Косово, Албин Курти, на Полска, Матеуш Моравјецки, на Албанија, Еди Рама, претседавачот и членот на Претседателството на Босна и Херцеговина, Жељко Комшиќ и Шефик Џаферовиќ, како и претседателите на Молдавија, Маја Санду и на Бугарија, Румен Радев.
На годинешниот Бледски стратешки форум во Словенија, во останатите панели ќе учествуваат и многу други шефови на држави и влади од регионот и пошироко од Европа, официјални највисоки претставници на институциите на ЕУ, како и на повеќе меѓународни и тинк-тенк организации.