Панел дискусија „Испорачување на дигитални услуги креирани за граѓаните“: Основата за успешна дигитализација е поставена и вклученоста на граѓанскиот сектор и стручните лица се добредојдени

Фондациите „Фридрих Науман“ и „Метаморфозис“, и Институтот за општествени и хуманистички науки, денеска организираа хибриден настан-панел дискусија на тема: Испорачување на дигитални услуги креирани за граѓаните, во хотелот „Александар Палас“ во Скопје, која можеше да се следи и онлајн преку зум апликацијата.

Во рамки на дискусијата, на која учествуваа владини претставници и истражувачи и соработници на организаторите на настанот и претставници на граѓанскиот сектор, беа презентирани истражувачки трудови и анализи за е-услуги во општините, опфаќајќи ја и потребата од ориентирање на дигитализацијата кон граѓаните, како средство за забрзана и ефективна реформа.

Заменик-министерот за локална самоуправа, Зоран Димитровски и Ана Малцева-Маринковиќ, кабинетски службеник за координација на соработката на Претседателот на Владата со државните органи, јавни претпријатија, установи, трговски друштва, здруженија на граѓани и други правни лица, се осврнаа на стратегијата и залагањата на Владата на Северна Македонија за унапредување на состојбите со дигиталните услуги на локално и централно ниво и за реформите со кои се овозможува поефикасна администрација и граѓанско учество.

Оценувајќи дека актуелната Влада процесот на дигитализација го има ставено како врвен приоритет во својата Агенда за работа, согласно приоритетното место кое ова прашање го има во Агендата на Европската Унија, заменик-министерот Димитровски подвлече дека целиот процес поради сложеноста треба да биде безбеден и одржлив на долг рок.

„Процесот на дигитализација е особено важен и за Министерството за локална самоуправа од аспект на подобрување на локалните административни услуги преку нивно дигитализирање. Тоа е важно и за општините и за граѓаните, како корисници на тие услуги, поради олеснување на пристапот, но и поради намалување на просторот за корупција и судир на интереси. Со дигитализацијата на услугите ќе се зголеми транспарентноста и отчетноста, но дигитализацијата е и една од најголемите брани за спречување на корупцијата, што исто така е на врвот на Владината агенда“, оцени Димитровски.

„Темата за дигитализацијата и испорачувањето на квалитетни дигитални услуги на граѓаните, содржи механизми за борба против корупцијата и механизми за обезбедување подобар живот на граѓаните во смисла на обезбедување здрава животна средина, од еколошки аспект, со намалување на потреба од користење хартија. Како Влада преземаме сериозни активности и длабоко сме навлезени во процесот кој опфаќа изготвување на правни нормативи, обезбедување техничка поддршка, обезбедувајќи стратешки компоненти во насока на остварување на нашата цел, а тоа е целосна дигитализација на сите процеси до јули 2022 година“, нагласи во своето обраќање Ана Малцева-Маринковиќ.

Истовремено, таа ја повтори заложбата на Владата за преземање мерки и активности за дигитализација на процесите за приклучување кон Националната платформа за интероперабилност на сите државни институции, вклучително и единиците на локалната самоуправа, со цел забрзување и автоматизирање на процесите за издавање на голем број потребни документи и за нивна дистрибуција до граѓаните преку алатки за електронска комуникација.

Посебен осврт Малцева-Маринковиќ стави на посветеноста на Владата во последните четири години да ја стави во функција комплетната Платформа за дигитализација на државните институции во насока на обезбедување квалитетни услуги за граѓаните, додавајќи дека веќе е обезбедено исполнување на е-каталогот со податоци и целосно воспоставениот Национален портал за електронски услуги.

Малцева-Маринковиќ додаде дека во моментов активно работат три работни групи од кои првата е насочена кон прецизирање на нормативниот дел, измени и дополнувања на околу 150 закони, работна група која се занимава со техничкиот аспект координирана од Министерството за информатичко општество и администрација, како и работна група која е посветена на успешна дигитализација на правосудниот систем.

Претставничката на Кабинетот на Претседателот на Владата, нагласи дека во обезбедувањето на процесот за целосна дигитализација на државните институции посебно внимание се посветува и на заштитата на личните податоци, како и целосно обезбедување на дигиталната безбедност, притоа водејќи сметка да се избегне ризикот од дискриминација на граѓаните по однос на технолошкиот аспект.

Како заклучок од денешната панел дискусија „Испорачување на дигитални услуги креирани за граѓаните“ беше истакнато дека основата за успешно спроведување на дигитализацијата е поставена и граѓаните и стручните лица се добредојдени при координацијата во изготвувањето на стратешките планови, со насоки и анализи на општините за пристапување кон дигитализацијата, притоа водејќи сметка за приоритетите во обезбедување на е-услуги за сите граѓани подеднакво.