Хоџа: Остваривме позитивни резултати во време на глобална криза. Искрено се надевам дека земјоделците ја препознаа мојата позиција – секогаш на нивна страна!

Денеска, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Арјанит Хоџа, одржа прес – конференција за медиумите во големата сала на МЗШВ.

Во своето обраќање министерот ги презентираше постигнатите резултати во текот на измината година.

„Јас кажав уште на самиот почеток, дека оваа функција ја сметам за голема чест. Да се води еден ваков комплексен сектор е голем предизвик, особено во услови на еден од најтешките периоди за државата, а тоа е пандемијата со вирусот Ковид – 19. Светската здравствена и економска криза имаше силен импакт врз земјоделскиот сектор на домашно и глобално ниво. Но, сепак и покрај сите предизвици горд сум на она што успеавме да го сработиме за овој краток период од една година“ изјави министерот Хоџа.

Тој дополни дека нашите развојни политики се усогласени со заедничката земјоделска политика на Европската Унија како сигурен чекор кон развиено земјоделско производство. Нашата визија е да креираме профитабилно земјоделство и силно да влијаме за интензивен рурален развој, што треба да креира атмосфера на задоволство и успех кај земјоделците и силен мотив кај младите кои својата иднина ја гледаат тука.

„Ние за оваа измината година откако сум јас министер, направивме многу. Остваривме позитивни резултати во време на глобална криза. Искрено се надевам дека земјоделците ја препознаа мојата позиција – секогаш на нивна страна! 

Секаде каде имаше проблем јас излегував на терен. Остварив безброј состаноци со производители и со откупувачи. Се залагав за баланс токму на таа релација производители – откупувачи, со една цел, сите да бидат задоволни вклучувајќи ја и државата“ потенцираше министерот Хоџа.

Тој се заблагодари на сите чинители на земјоделскиот сектор, на земјоделците и агробизнисмените, на неговиот тим и на вработените во МЗШВ. Посебна благодарност упати до медиумите за коректното известување во текот на изминатата една година од неговиот министерски мандат. 

Во продолжение, ви ги презентираме постигнатите резултати кои министерот Хоџа денеска ги изнесе пред целокупната јавност:

Во првите денови од мандатот прв предизвик кој бараше итно решение, беше кризата со откупот на грозјето и пореметувањето на пазарот на грозје и вино. Донесовме интервентни мерки со кои го помогнавме откупот. Обезбедивме средства од Ковид програмата на Владата во вредност од 4.6 милиони евра. 

Откупот на тутун од реколтата 2020 беше уште еден предизвик, бидејќи се соочивме со понизок квалитет во однос на претходната година, поради што тутунот не ја достигна очекуваната цена. Дополнителен проблем се создаде со произведениот вишок, надвор од договореното производство. 

И покрај се, откупот заврши успешно. Откупени се околу 27. 000 тони суров тутун во лист со просечна откупна цена од 165 ден/кг. Откупен е и вишокот на тутун, околу 4000 тони повеќе од договореното производство. Ги исплативме и субвенциите за  произведен и предаден тутун, од реколта 2020 година,  во износ од близу 1,7 милјарди денари. 

Владата исто така им излезе во пресрет на тутунарите со носење на посебен закон со кој одвоивме средства од 5 милиони евра од Ковид програмата и со таа помош го одржавме зборот за достигнување на просечна цена од 180 ден/кг.

И покрај пандемијата предизвикана од КОВИД 19 и работата со намалени капацитети во институциите, Програмата за рурален развој до крајот на 2020 беше реализирана со средства во износ од 1.763.127.914 денари или 95% реализација.

  • Успешно ја реализиравме мерката рурална жена. Потпишани се 250 договори со вкупна вредност од околу 37.000.000 денари. 
  • 265 млади земјоделци добија грант до 20 000 евра. Вкупната вредност на оваа мерка е 3,1 милиони евра.
  • Склучени се 25 договори за финансиска поддршка за набавка на специјални комбајни за жнеење на ориз со сецкалици во вкупен износ од 32.000.000 денари. 
  • Склучени се договори со 540 земјоделци за набавка на 540 трактори во вредност од 206.000.000 денари
  • За прв пат потпишавме меморандуми за соработка со клучните научно-образовни институции во државата. Вкупна вредност на инвестицијата изнесува 33.400.000 денари.
  • За мерката „Авионско засејувања на облаците за превенција од природни непогоди и неповолни климатски настани врз земјоделски посеви“, издвоивме 60.000.000 денари, средства со кои се обезбедени три авиони за заштита (претходно за истите пари беа користени два авиони). Санирание се две клучни радарски станици во Ѓуриште и Тополчани во вредност од 2.000.000 денари.

Реализацијата на Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој за 2021 година исто така бележи висок степен на реализација од почетокот на годината и континуирано досега. 

Само во првите два квартали објавени се седум јавни повици за финансиска поддршка. 

За периодот од 1 јануари заклучно со 30.06.2020 се реализирани 718.859.955 денари, што претставува реализација од високи 75% кои се однесуваат на капиталните инвестиции.

По Програма за финансиска поддршка во земјоделството, за субвенции до сега се исплатени 6.1 милијарда денари, или реализација од 86%.

Во јули објавен е последниот јавен повик од ИПАРД 2,  Мерка 7- „Диверзификација на фарми и развој на бизниси”. Овој повик, го објавивме две години пред официјалното завршување на периодот за искористување на ИПАРД 2 Програмата, што само по себе зборува колку сме успешни во тој процес. 

Ние сме лидери во регионот и од аспект на програмирање на новата ИПАРД 3 Програма, која очекуваме да биде проширена за дополнителни четири мерки. Очекуваме Европската комисија да ја усвои новата ИПАРД Програма 2021-2027 за нашата држава, во декември оваа година. Веднаш потоа ќе биде објавен првиот јавен повик од ИПАРД III.

Оваа година за прв пат стартуваа неколку проекти:

  • За прв пат спроведовме јавен повик заедно со ФИТР за дигитализација на земјоделството со вкупен буџет од 6.000.000 денари. Аплицираа  38 компании, по направената селекција, одбрани се 4 компании.
  • За прв пат стартуваше проектот за Договорно производство на органска пиперка, со авансирана набавка на семе и други репроматеријали што директно им помогна на прозиводителите.
  • Во соработка со Министерството за земјоделство на Турција и турската агенција за управување со земјоделскиот осигурителен систем – ТАРСИМ, започнавме активности за воспоставување на одржлив осигурителен систем за заштита на земјоделците од катастрофалните временски непогоди. Воспоставување на земјоделски осигурителен пул, еден вид на земјоделски фонд на осигурување за земјоделството, е потполно нов проект, прв од овој вид во Република Северна Македонија. 
  • Во насока на рамномерен регионален развој, потпишавме договори за финансиска поддршка со сите осум Центри за развој на планските региони. На располагање се ставени 25. милиони денари средства кои се обезбедени од буџетот на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Со овие средства, опфатени се 20 општини и ќе се финансира реконструкција на вкупно 29 локални патишта. Ова е најголем број на проекти откако постои имплементацијата на оваа програма. 
  • По цели 12 години, Овластените службени лица во Шумската полиција добија  чизми и нови униформи, за чија набавка беше објавен тендер, во вредност од околу 10 милиони денари, средства обезбедени од буџетот на МЗШВ, а неодамна го потпишавме новиот Колективен догор, со кој платата на припадниците на Шумската полиција се зголеми за 30 %. 
  • Оваа година, стартуваше проектот со Светска Банка - Проектот за модернизација на земјоделството, кој е со вкупна вредност од 46 милиони евра и содржи огромна развојна компонента за земјоделството, со сериозен позитивен импакт врз вкупната домашна економија.
  • Фитосанитарната политика забележа огромен развоен напредок. Усвоен е Правилникот за листи на штетни организми, кој стапи на сила од 1 септември 2021 година. Изготвен е и Каталог за избрани штетни организми на растенија кој опфаќа идентификациски карти за карантински штетни организми и протоколи за истражување за карантински штетни организми. 

Во делот на Производи за заштита на растенија донесен е Законот за фитофармација, подготвен и заснован на  релевантното ЕУ законодавство.  За прв пат, развен е фитосанитарен информативен систем и официјална веб-страница што ќе бидеа рамка за споделување информации. 
 
Во 2020 година, започнавме многу проекти од областа на водостопантсвото кои опфаќаат изградба на брани, системи за наводнување, пречистителни станици за вода за пиење. Особено сум задоволен што на почетокот на мојот мандат, на предлог на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Владата одобри продолжување на тендерската постапка за изградба на брана на река Слупчанска. 

Инвестицијата е со вкупна вредност од околу 22 милиони евра. Ова е најголемата капитална инвестиција што ќе се реализира во Општина Липково, со која се очекува да биде целосно решен проблемот со вода за пиење и наводнување на земјоделските површини. 

Во тек се уште неколку успешни водостопански проекти, од кои дел се целосно завршени и пуштени во употреба како ХС Чаушица и ЈВД, а останатите се одвиваат со редовна динамика на реализација. 

И покрај кризата со пандемијата, изминатиов период остваривме интензивна меѓународна соработка. Потпишавме повеќе значајни билатерални договори со Албанија, Турција, Украина, Италија. 

Во владина процедура се повеќе меѓународни договори за соработка во областа на земјоделството за кои преговорите се завршени, и тоа со:  Косово, Јордан, Италија и Бугарија, како и Договорот за изменување и дополнување на Договорот за соработка помеѓу Агенцијата за меѓународен развој на САД и Владата на Република Северна Македонија за банкарски гаранции во земјоделство и рурален развој во Република Северна Македонија. 
МЗШВ започна соработка и со Француската Агенција за развој (AFD) која во рамки на Зелениот климатски фонд ќе реализира Програмата за енергетска ефикасност. Во рамките на нашите надлежности предложивме  да се вложат средства во:

  • Подобрување на енергетската ефикасност на локалните административни објекти на МЗШВ и модернизација на фарми во планинските области, и во
  • Инсталација на соларни панели на земјиште што не се користи за земјоделско производство, како и инсталација на пловечки соларни панели на акумулациите.

Во текот на 2021 година, успешно се финализираа неколку проекти кои МЗШВ ги спроведуваше со поддршка од ЕУ: Мали системи за наводнување, Заедничко уредување на пазарите и Проект за „Подобрување на спроведувањето на законодавството за здравствена заштита на животните, безбедноста на храна и фитосанитарното законодавство и соодветните информативни системи“. Оваа година, ја интензивиравме соработката со ЕУ, која е наш силен поддржувач и партнер на патот кон нашата интеграција во европското семејство. Со средства од ЕУ, започнавме многу нови проекти за развој и модернизација на земјоделството. За нив ќе известуваме тековно... 

Со поддршка на ФАО, преку проект финансиран од Европската унија и ФАО, се спроведуваат современи проекти за консолидација на земјиште. Овие проекти се спроведуваат за прв пат во историјата на државата, што ја позиционира Република Северна Македонија како лидер во регионот во спроведување на вакви сложени структурни земјишни реформи. Во 7 подрачја во државата започнати се проекти за консолидација на земјиште, а во село Егри, консолидацијата е завршена и летово започна изградба на земјоделска инфраструктура во вредност од околу 500.000 евра. 

Со поддршка на ФАО, МЗШВ почна да ја изготвува првата национална стратегија за наводнување и одводнување за периодот 2021-2031 година и за прв пат аплициравме со наш проект до Фондот за адаптација.. Поднесената апликација за финансирање на мерки за адаптација во земјоделството  е во вредност од 9.9 милиони долари.

Во насока на исполнување на нашата обврска кон земјоделците, потребата за подобрување на правните регулативи и хармонизација на нашите закони со европските регулативи, во изминатиот период работевме на многу закони. 
За земјоделците од најголемо значење беа Двата Закони за финансиска поддршка за намалување на последиците од COVID – 19 врз производството на тутун и грозје и винската индустрија. 

Од исклучително значење е носењето на Закон за задолжување на Република Северна Македонија со заем кај Меѓународната банка за обнова и развој – Светска банка по договорот за заем за финансирање на проектот за модернизација на земјоделството, како и новиот Закон за фитофармација. 

Исто така се донесоа 32 Закона со кои се вршеше усогласување со Законот за прекршоците во конкретни сегменти во однос на содржината, како и  интервенција во однос на името на државата, а со цел имплементација на Уставните амандмани и Уставниот закон за спроведување на Уставните амандмани. 

Во моментов, неколку закони се во Владина процедура, меѓу кои и Законот за продажба на земјоделкото земјиште во државна сопсвеност, и законите за пасишта, дивеч и ловство, за зоотехника и други.