Тркалезна маса: „Проблемите и предизвиците при имплементација на еколошкото законодавство во Македонија“
Република Македонија има значаен напредок во создавањето правни норми што го регулираат управувањето со животната средина. Сепак, еколошкото право се уште не е доволно застапено во високообразовните институции во државата, е заклучокот на денешната тркалезна маса „Проблемите и предизвиците при имплементација на еколошкото законодавство во Македонија“.
- Во сите области на животната средина донесени се рамковни закони и постојат голем број на подзаконски акти. Оттука сметам дека ваквиот систем на нормирање гарантира стабилна основа за т.н. безбедно инвестирање и за заштита на животната средина истовремено, истакна министерот за животна средина и просторно планирање Абдилаќим Адеми.
Според него, еколошкото право се уште не е доволно застапено во високообразовните институции во Македонија и затоа секоја алатка која може да придонесе кон зголемување на образовните процеси во оваа област за МЖСПП е добродојдена.
На тркалезната маса беше промовирана и публикацијата Водич во еколошкото право во Република Македонија во чија изработка беа вклучени Правниот факултет „Јустинијан Први“ од Скопје, Фондацијата „Конрад Аденауер“ и Здружението на граѓани Фронт 21/42.
Борче Давитковски, декан на Правниот факултет „Јустинијан Први“ од Скопје, истакна дека Македонија нормативно-правно има многу направено и потсети на Конвенцијата од Архут со која на граѓаните на Македонија им се гарантира пристап до сите можни информации кои се однесуваат за животната средина.
- Здрава животна средина е право кое е со Устав загарантирано и треба тоа да го почитуваме. Уставнозагарантираното право нема цена. Во никој случај не смее ниту буџет, ниту компании или некој друг да се осмели или евентуално да земе да ја загрозува животната средина. Тоа е наше право стекнато од нашите прадедовци и ние на следните генерации тоа треба да им го оставиме, рече Давитковски.
Тој додаде дека еколошкото право како дисциплина се профилира изминативе 20-ина години на овие простори, а на Правниот факултет во Скопје овој предмет се изучува од 1992 година.
Водичот во еколошкото право во Република Македонија опфаќа законски текстови кои се однесуваат на заштита на животната средина како заштита на вода, на почва, на воздух од јонизирачко зрачење и друго.