Македонија одбележа 20 години дипломатски односи со Словенија и Хрватска

Словенија и Хрватска во досегашната комуникација ни овозможија забрзано и поефикасно справување со обврските на патот на Македонија кон ЕУ. Не сме заборавиле дека и Љубљана и Загреб, уште од прогласувањето на независноста, немале ниту резерви ниту дилеми за нашиот идентитет, име, и за нашата посебност во балканскиот колорит од народи. Задоволни сме што нашите пријатели - таквиот приод и респект принципиелно го манифестираат и на меѓународни форуми и организации.

Ова го истакна министерот за надворешни работи Никола Попоски, на свеченоста по повод   20 години од воспоставувањето дипломатски односи на Република Македонија со Република Словенија и Република Хрватска.

Во присуство на шефот на држвата Ѓорге Иванов, претставницина Владата и дипломатскиот кор, меѓу другото, тој се осврна на успешната соработка за прашања поврзани со ЕУ-интеграцијата, спроведувањето на стандардите на Унијата во делот на визната политика, развојната и хуманитарната помош.

Изрази задоволство од успешниот развој на традиционалните пријателски односите и мошне плодната и сестрана соработка меѓу трите земји во изминатите 20 години, со уверување дека пријателството меѓу нашите земји и народи ќе биде трајно и долговечно.

- Цврсто сум убеден дека поддршката од Словенија и Хрватска ќе продолжи и во иднина. Очекуваме оваа поддршка да биде и со позајакнато темпо во претстојниов период, односно до полноправно членство на Македонија во ЕУ и во НАТО. Тоа е од севкупен интерес за стабилноста и просперитетот на нашите земји,  на Регионот, па дури и пошироко, посочи Попоски.

Според словенечкиот амбасадор Алан Брајан Бергант, време е политичките патеки на Словенија и Македонија повторно да се зближат, овој пат преку заедничкото членство во ЕУ и НАТО. Така како што нашиот пат се зближи со соседната Хрватска во НАТО и наскоро и внатре во ЕУ.

- Словенија посакува Македонија што побргу да стане полноправна членка на НАТО и да започне со предпристапните преговори за членство во ЕУ бидејќи тоа таа го заслужува и оти нејзиното место е внатре во семејството на евроатлантските држави. На Македонија и стоиме на располагање на нејзиниот пат на приближување кон евроатлатнските организации и ги нудиме своите искуства, знаење и добра пракса, порача Бергант.

Тој подвлече дека сегашноста не зближува уште повеќе од минатото и оти цврсто верува дека пријателството меѓу државите во иднина уште повеќе ќе се зацврсти.

Златко Крамариќ амбасадорот на Република Хрватска во Македонија подвлече дека трите држави во изминатите 20 години по прогласувањето на независноста поминаа низ сериозен процес на трансформација кон градење на либерални демократски општества.  

- Со слободата што ја стекнавме треба да бидеме внимателни. Слободата често знае да биде и кревка и не треба да се откажеме од градењето на демократско општество, од општество со независни институции, со владеење на правото, со слободни медиуми, со отворен пазар, со независна граѓанска сцена, со право на разлика, право на слабите субјекти - децата, жените, малцинските заедници. Во оној симболичен културен капитал што го понесовме од нашето заедничко минато да видиме солидна основа за нашата заедничка иднина, за рамноправни односи меѓу нашите држави на сите полиња и што е можно побрзо да се најдеме сите заедно во единственото европско семејство на народите, рече Крамариќ.

На 17 март 1992 година Република Македонија воспостави дипломатски односи со Република Словенија, а неколку дена подоцна, односно на 30 март, истата година и со Република Хрватска.