Ставрески: Предлогот на опозицијата за зголемување на даноците, најлош начин за справување со економската криза
Предлозите на СДСМ, кои што предвидуваат зголемување на даноците се неприфатливи за Владата, изјави денеска во Гевгелија вицепремиерот и министер за финансии Зоран Страврески.
- СДСМ предлагаше во насока на решавање на кризата да се зголемат даноците. Тоа го прават и 25 земји во Европа. Меѓутоа, ние го разгледавме тој предлог и сметаме дека зголемувањето на даноците можеби е најлесен начин да се префрли товарот на граѓаните и фирмите, но е најлош начин за решавање на проблемот на економската криза бидејќи ќе значеше дополнително оптоварување на фирмите и на граѓаните. Затоа ние го отфрливме тој предлог, рече Ставрески по посетата на фабриката „Ноел“, запрашан колку од 27-те мерки предложени од СДСМ се прифатливи.
Не сакаме, рече Ставрески, преку зголемување на даноците да го решаваме прашањето на буџетските приходи.
- Го стегнавме каишот, ќе штедиме во рамките на државната каса, ќе направиме ребаланс со цел да ги заштитиме најчувствителните категории, како што се пензионерите, социјалната помош, платите и субвенциите за земјоделството, а на сите останати категории ќе кратиме, но нема да зголемуваме даноци затоа што сметаме дека тоа не е добра мерка, посочи Ставрески.