Завршна национална конференција за проектот „Правда за децата“
Република Македонија со поддршка на Европската унија и УНИЦЕФ направи големи чекори во воведувањето правосуден систем по мерка на децата, во кој се нагласува превенцијата и рехабилитацијата наместо казнување, беше посочено на денешната завршна национална конференција за проектот „Правда за децата“.
Шефот на делегацијата на ЕУ Аиво Орав посочи дека правда за децата е одраз на степенот на човечноста на нашите правни системи.
- Системот за малолетничка правда кој добро функционира може да претставува пример за целокупниот правосуден систем на земјата. ЕУ има цврста заложба да врши унапредување на правдата на децата, како во надворешните, така и во внатрешните политики, бидејќи правата на децата претставуваат дел од барањето за пристапување кон Унијата согласно критериумите од Копенхаген, рече тој.
Проектот, како што посочи, помогна во изработка на националната стратегија за превенција, а на 11 локални самоуправи им помогна да ја претворат стратегијата во конкретните локални мерки. Во контекст на тоа додаде дека од клучна важност за завршување на реформите е активната вклученост на локалната администрацијата.
- Последниот извештај на ЕУ за напредокот на Македонија покажува дека е направен голем напредок во институционалниот развој и во реформите и дека сега акцент се става на имплементација на овие реформи, рече Орав и додаде дека ограниченото штедењето на превенцијата ќе се покаже како многу поскапо во следните фази.
Тој посочи дека правната помош за децата кои неможат да си ја дозволат мора да биде загарантирана, затоа што тоа е меѓународно признато право.
Министерот за правда Блерим Беџети посочи дека превенцијата за заштита на децата од виктимизација и криминализација се основни цели на реформата на малолетничката правда, промовирана со Законот за малолетничка првада, со кој за првпат се уредува постапувањето со децата со ризик и малолетни сторители.
- Од започнувањето на примената на овој Закон донесени се упатства и стандарди за постапување со децата во ризик и малолетници, донесени се програми и спроведени се основни и специјализирани обуки на кадрите во системот на малолетничка правда и формиран е Државниот совет за превенција на малолетничко престапништво, рече Беџети.
Резултатите од проектот „Правда за децата“, како што нагласи министерот, придонесоа кон унапредување на нормативната рамка, јакнење на институционалните и човекови капацитети и развивање на планови за превенција на малолетничко претстапништво.
Заменик-министерот за внатрешни работи Џелал Бајрами рече дека суштинските приоритети на секое општество треба да биде грижата и заштитата на децата, со цел да се обезбеди подобра и поквалитетна иднина за следните генерации.
- МВР во изминатиот период ги преземаше сите неопходни чекори согласно верификуваните меѓународни конвенции и протоколи во насока на целосно организациско операционализирање на активностите во оваа сфера, рече Бајрами.
Тој додаде дека МВР особено се фокусираше на превенцијата на малолетничкото претстапништво како еден од клучните аспекти во спречување на криминалот во општетството.
Заменик-министерот за труд и социјалана политика Ибрахим Ибрахими истакна дека проектот „Правда за децата“ успешно одговори на поголем број поставени цели.
- Стратешките цели на Министерството за труд и социјална политика во наредниот период вклучуваат зајакнување на капацитетите на институциите, развој на стандарди, соработка на национално и локално ниво, јакнење на регулативната рамка, како и одржување на обуки, рече Ибрахими.
Во своето обраќање претставникот на УНИЦЕФ Шелдон Јет посочи дека сите деца без разлика дали сториле некое дело или се жртви мора во целост да им бидат заштитени нивните права. - Акцентот се става на превенција и рехабилитација, наместо на казнување, а затворањето или притворањето се користи како крајно решение, рече Јет.
На конференцијата учествуваа и тим од практичари и експерти кои се осврнаа на состојбата со реформите за поблиско усогласување на правосудниот систем со Европската унија и меѓународните стандарди за малолетничка правда.
Со поддршка од Европската унија, УНИЦЕФ соработуваше со домашни претставници на целосно спроведување на првобитната визија на Законот за малолетничка правда од 2007 година. Некои од досегашните постигнувања се анализата на недостатоците во правната рамка и капацитетите, воведувањето на нов протокол за упатување, професионалните стандарди со кои им се помага на стручните лица во работата со дете во контакт со законот, како и воведувањето на систем за следење на спроведувањето на законот во пракса.