Целосно реновирано ОУ „Браќа Миладиновци“ во Аеродром
Основното училиште „Браќа Миладиновци“ во Аеродром е целосно реновирано со општински буџет од 14 милиони денари, што е најголема инвестиција во неговото 67-годишно постоење.
Училишната зграда има нова фасада, покрив, прозорци, подови, тоалети и санитарни јазли. Новиот изглед денеска, на патронатот на училиштето, го промовираше градоначалникот на Аеродром Ивица Коневски, во присуство на министерот за образование и наука Панче Кралев.
Новата фасада има микротермичка изолација со која значително се штеди енергија за затоплување, а наместо стариот азбестен, ставен е нов покрив со ребрест лим. Градежните работи ги извршија фирмите „Инком“ и „Микомерц“.
- Со реконструкција на училиштето значително се подобрени условите за учениците и за поквалитетно извршување на воспитно-образовниот процес, рече градоначалникот Коневски.
Министерот Кралев изјави за медиумите дека е за поздравување инвестицијата што општина Аеродром ја одвоила за оваа намена и дека проектот ги одразува вистинските причини зошто е спроведена децентрализацијата во образованието.
- Преку приходите што ги остварува, самата општина континуирано вложува во подобрување на инфраструктурата во образованието. МОН ја поддржува оваа акција и стои на располагање за обезбедување дополнителни средства ако се потребни, истакна Кралев. Тој е задоволен и што во реконструкцијата на санитарните јазли во училиштето првпат се применети стандардите за тоалети што неодамна ги препорача МОН.
Реновирањето на ОУ „Браќа Миладиновци“ е почеток на проектот на Аеродром за целосна реконструкција на седумте основни училишта во општината, вреден 1,5 милиони евра. Останатите шест („Блаже Конески“, „Ѓорѓија Пулевски“, „Љубен Лапе“, „Лазо Ангеловски“, „Димитар Македонски“ и „Гоце Делчев“) ќе бидат реновирани за време на летниот распуст.