Кралев: Нема укинување на дисперзираните студии, туку нивно разместување според локалните потреби
Министерот за образование и наука Панче Кралев негира дека ќе се укинуваат дисперзирани студии, туку дека некои ќе се преместуваат во други места според локалните потреби.
- Не станува збор за укинување на студиите. Онаму каде што имало дисперзирани студии три години и се создадени одредени профили на образовани луѓе, одлучивме во тие градови да овозможиме друг вуд студии. Тоа не значи дека студиите се укинуваат, матичните факултети продолжуваат да си постојат, но во поголем број случаи се работи за разместување на студиите. Концептот дисперзирани студии нема да се укине, ниту некој град ќе остане без нив, изјави Кралев.
Причината за разместувањето, според него, не се должи на слаб интерес и мал број запишани студенти, туку дисперзираните студии се во функција на локалниот економски развој и нивниот вид ќе биде усогласен со потребите на локалната заедница за одреден кадар.
- Интересот за дисперзираните студии во одредени градови постои. Основниот фактор за оваа одлука е намерата да се поддржи локалната економија преку овозможување различен вид студии во градовите во Македонија, додаде Кралев.
За да функционираат дисперзираните студии треба да има најмалку 20-25 запишани студенти. Ако студент се запише на дисперзирани студии кои поради неисполнет минимум не можат да почнат, ќе му се овозможи да студира на матичниот факултет, појасни министерот за образование и наука.