Тодоров: Има тенденција се што се прави во здравството да се засени со вештачко незадоволство кај лекарите
Министерот за здравство Никола Тодоров денеска изјави дека има тенденција сето она што се прави во здравството да биде засенето со вештачко незадоволство меѓу лекарската фела, најчесто со пласирање дезинформации.
- Тоа е политичка тенденција и во рамки на политичка битка да се креира незадоволство. Ме загрижува тоа што доаѓа во време кога најверојатно отворив едно од најкрупните и најболни прашања во македонското здравство, кое напротив треба да биде на задоволство на сите чинители, односно на докторите и пациентите, изјави Тодоров, одговарајќи на новинарски прашања на свечениот собир по повод 7 април-Светскиот ден на здравјето.
Гледам тенденции во последните денови, нагласи министерот, да се вадат нови проблеми и да се потенцираат работи кои и во минатото биле проблем, но сега некако се препишуваат на мене, Министерството за здравство или Фондот. Сето тоа, како што рече, го гледа како обид за политичко дејствување.
- Обидот да се изгради погрешна перцепција за здравствениот систем е за да се спречи една битка која може да има тектонски пореметувања на начините на функционирање во минатото, додаде министерот за здравство Никола Тодоров.