Свечен собир по повод Светскиот ден на здравјето, здравствениот систем оценет како добар
Во организација на Македонското лекарско друштво во Градската општа болница „8 Септември“ денеска се одржа свечен собир по повод 7 април-Светскиот ден на здравјето.
Годинашното одбележување се однесува на постарата популација, односно на нивното здравје со текот на годините.
На собирот присуствуваше министерот за здравство Никола Тодоров кој рече дека денеска докторите се задоволни од системот на истото ниво на кое се и сите граѓани во Република Македонија.
- Тие не треба да отскокнуваат од општествената реалност во која живееме. Тие се дел од овој систем, како и сите ние и сите функционираме во исто опкружување. Знам дека лекарите како посебна фела имаат големо значење за функционирање на државата и затоа го сметам целиот здравствен систем како еден од фундаменталните за функционирање на државата, истакна Тодоров.
Тоа што се обидуваме да направиме во здравството, потенцираше, во никој случај нема да им наштети на лекарите, напротив, со сите чекори кои ги преземаме сакаме да помогнеме тие да имаат подобар начин на функционирање. Министерот апелираше до лекарите да останат надвор од сите политички случувања и да не дозволат да бидат инволвирани во креирањето политички перцепции со цел добивање политички поени.
Тодоров го оцени целокупниот здравствен систем со истата оценка со која го оценуваат граѓаните, односно според последното истражување, граѓаните сметале дека здравството е добро, со оцена 3.
- Тоа не значи дека не треба да се подобри и нема лоши страни, но веројатно ако погледнете кај добро развиените држави вечна тема на дебата е здравството и тоа е нормално, затоа што само на таков начин може да очекуваме континуиран прогрес, додаде Тодоров.
Претседателот на Македонското лекарско друштво Јован Тофовски нагласи дека македонското здравство не може да биде оценето со оценка 5, поради условите во кои се живее, во економска криза со мало издвојување во здравството и голем број невработени лица, но истакна дека има многу работи кои може да се поправат.
- Годинава зборуваме за здраво стареење и искористување на лицата со над 60 години кои се здрави. Зборувајќи за целокупниот здравствен систем, знаеме дека се прават услови за подобра хигиена и просторно решавање во болниците. Мислам дека најслаба алка во ова управување е во кадарот кој постојано се слева во приватните болници, рече Тофовски.
Владимир Борозанов, претседател на Лекарската комора на Македонија, им посака добро здравје на повозрасните и побара поголема толеранција и разбирање од општеството за нив.