Јанкулоска: Културното наследство кое не е соодветно заштитено може да биде цел на криминал
Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска денеска изјави дека богатото културно наследство што го има Македонија кога е несоодветно заштитено може да биде мета на криминални структури, на поединци или групи кои сакаат да профитираат преку негова препродажба и надвор од државата.
- Ние постапуваме по сите пријави, кои факт е дека ги има повеќе. Најчесто се работи за верски објекти кои се во мали населени места, со мал број жители и неретко се случува пријавата да стигне дури и по неколку месеци откако кривичното дело или кражбите се извршени, рече Јанкулоска, одговарајќи на новинарско прашање за кражбите на сакрални предмети во западниот дел на Македонија.
Таа информира дека неколкупати им сугерирале на верските заедници, онаму каде има повредни предмети, да преземат мерки за обезбедување на објектите.
Сведоци сме, додаде Јанкулоска, дека верските објекти не само што не се заштитуваат со видео надзор или со друг тип на активности, туку најчесто се оставаат целосно отклучени заради верските обичаи.
- Тоа е несоодветно кога се работи за криминални намери, за поединци кои се подготвени дури и на сквернавење на верски објекти се со цел предметите кои ќе бидат одземени понатаму да ги препродадат и да профитираат на нелегален начин, изјави Јанкулоска во касарната Ѓорче Петров, по презентацијата на последните запленети предмети во полициската акција „Детонатор“.
Прашана за денешната вежба на скопскиот аеродром „Александар Велики“, Јанкулоска рече дека вежбата била организирана со цел да се тестира подготвеноста на системот за одговор во случај на терористички напад на аеродром и ослободување на лице заложник во една ваква ситуација.
- Денешната вежба беше изведена согласно стандардите и Стратегијата на Република Македонија за борба против тероризмот. Во оваа вежба учествуваа припадници на МВР од различни единици, од Бирото за јавна безбедност и од Управата за безбедност и контраразузнавање, посочи Јанкулоска и додаде оти се работи за генерална проба за главната вежба која ќе претстои.
Единиците, потенцира Јанкулоска, покажаа дека системот во Македонија функционира.