По 12 години успешно завршена денационализацијата, оцени премиерот Груевски
Сите 30.477 предмети за денационализација доставени до Министерството за финансии се завршени во првостепена постапка со што по 12 години е завршен овој процес со кој се исправа една неправда од минатото и се придонесе кон заокружување на сопстевноста во Република Македонија како еден од условите за економски развој на државата, изјави денеска во Куманово премиерот Никола Груевски.
Потсети оти денационализацијата е процес, кој што тој го започна како министер за финансии во 2000 година, а денеска во неговиот мандат како премиер овој процес се завршува. Остануваат, рече, уште околу 3.000 предмети кои ќе бидат процесуирани во судски постапки.
- Пред точно 12 години го почнавме процесот со голем ентузијазам и со една силна динамика во почетокот и така беше се до крајот на мојот мандат како министер за финансии. Потоа имаше едно успорување, меѓутоа со доаѓањето на ВМРО-ДПМНЕ повторно на власт во 2006 година, го интензивиравме овој процес и еве конечно, што се однесува до Владата, до првостепеното одлучување, тоа е целосно завршен и за сите предмети е донесено решение. Со тоа завршена е и решена е една голема неправда од минатото. Одземањето на имотите кои што биле сопственост на илјадници граѓани во минатото и нивното враќање е и голем чекор напред за Македонија, рече премиерот на новинарско прашање по отворањето на нова бензиска пумпа на Лукоил на излезот од Куманово.
Според него, денационализацијата не требаше да почне во 2000 година туку во 1991, но за жал, додаде, тогашните власти од 1992 се до 1998-та не беа заинтересирани да го прават тоа. Подвлече дека овој процес е еден од најкрупните закони кои што се однесуваат на заокружување на сопстевноста во држвата. Покрај тој закон во делот на заокружување на сопственоста придонеле и законите што оваа власт ги донесе како Законот за враќање на старите заробени девизи, кои што се исплаќаа во 10-годишни рати, потоа законот за едно евро за квадрат за граѓаните да можат да си ги купат дворните места, Законот за легализација на дивоградбите, како и донесените многу ниски цени за откупување на градежно неизградено земјиште на компаниите кои имаат свои фабрики, но ги немале откупено дворните места.
- Сите овие процеси се направени во мандатот на ВМРО-ДПМНЕ, што покажува дека сме партија што силно сака да внимава на сопственоста и да ја негува како една категорија карактеристична за развој на една држава, бидејќи една држава не може да се развива со соодветно темпо ако не се обрне внимание на сопственоста или ако сопственоста претставува категорија во која што некој ќе си поигрува, ќе ги лаже луѓето, ќе пролонгира, ќе им ја одзема на незаконски и недемокјратски начин.., рече премиерот Груевски.