Заев - Бесими: Планот за забрзан економски раст е продолжение на успешните политики за достигнување раст на БДП над 5%, 12 милијарди евра инвестиции и 156.000 нови работни места

Економски раст над 5 % годишно, инвестиции во јавниот и приватниот сектор од 12 милијарди евра, нови 156.000 работни места, а истовремено фискална консолидација, односно одржување стабилен јавен долг, се дел од очекуваните ефекти на Планот за забрзан економски раст за периодот 2022-2026 година што денеска го усвои Владата, а на прес-конференција го претставија премиерот, Зоран Заев и министерот за финансии, Фатмир Бесими.

Планот за забрзан економски раст го подготви Министерството за финансии во соработка со владините ресори, со амбициозна, но остварлива цел да се поддржи економското закрепнување и забрзаниот раст.

Планот се темели на нов пристап и нуди координирана поддршка за поттикнување на инвестициите на јавниот и приватниот сектор во повеќе приоритетни области, преку детално наведување на расположливите извори на финансирање и инструментите и механизмите за финансирање, со проценка на очекуваните ефекти.

 

 

„Клучна цел е креирање нови работни места и поттикнување на растот на економијата во нашата земја, со нови инвестиции, со 5 % раст на Бруто домашниот производ и со одржување на стабилен јавен долг“, рече премиерот Заев.

Осврнувајќи се на трите основни цели на Планот, премиерот Заев истакна дека истиот нуди иновативен пристап до капитал за финансирање за забрзување на економскиот раст и кој покрај планираните јавни инвестиции од 4 милијарди евра ќе мобилизира дополнителни инвестиции од страна на приватниот сектор, кои се проценуваат на 8 милијарди евра.

Тој ја потенцира важноста на капиталните инвестиции за економскиот развој, напоменувајќи дека и во услови на пандемија тие не запреа.

„За таа цел“, рече тој, „во функција е КАПЕФ механизмот, со кој се наградуваат буџетските корисници кои имаат висок степен на извршување на капиталните расходи и дека проценките се дека тој може да генерира дополнителни 1,5 милијарди евра капитални расходи во периодот 2022-2026 година“.

Според Премиерот, втората цел од Планот за забрзан економски раст веќе почнува да се реализира. БДП во првата половина од годината е 5,6 %, а во вториот квартал беше 13,1 % што е потврда дека економијата се враќа на патеките на раст.

„Неодамна и Светската банка ја зголеми прогнозата за растот на БДП на Северна Македонија во 2021 година, од 3,6 на 4,6 %, што ги надминува дури и нашите проценки за раст од 4,1 %. Активноста на приватниот сектор ќе се зголеми, преку воведувањето нови начини за пристап до капитал, инструменти, фондови и извори на финансирање со кои се мобилизираат неколкукратно повеќе средства и инвестиции токму од приватниот сектор. Со тоа, се делува на зголемување на вкупните инвестиции, на забрзан растот на бруто-домашниот производ и ќе се забрза отворањето нови работни места.

Невработеноста сега е на ниво од 15,9 % што е најниско ниво во поновата македонска историја. Согласно Планот, со растот на инвестициите, стапката на вработување се предвидува да се зголеми на 54,3% во 2026 година, а стапката на невработеност за првпат да влезе во едноцифрена зона до 2026 година од 8,6 %“, рече премиерот Заев и додаде дека важно е да се напомене дека поволните макроекономски случувања ќе ги подобрат јавните финансии, што ќе доведе до фискална одржливост, со намалување на јавниот и јавно гарантираниот долг под 60% од БДП во 2026 година.

„Карактеристика на оваа Влада е домаќинско, отчетно, одговорно и транспарентно работење, а тоа се гледа и во стабилниот Буџет како на централно така и на локално ниво. И во услови на пандемија, немаше застој во исплата на плати, пензии, приватниот сектор и најпогодените гранки беа финансиски поддржани, а паралелно ги креиравме и овие крупни долгорочни Планови од кои бенефит ќе имаат сегашните и идните генерации“, потенцира Премиерот.

Министерот за финансии Бесими истакна дека Планот е продолжение на сите мерки што беа преземени за справување со кризата предизвикана од пандемијата од КОВИД-19.

„Пандемијата која се појави минатата година предизвика длабока здравствена и социо-економска криза. Создаде потреба да реагираме брзо и навремено зa што дизајниравмe мерки за заштита на здравјето и шест пакети економски мерки во износ од над 1 милијарда евра. Сега пак со Планот за забрзан економски раст продолжуваме понатаму и ќе одговориме на потребите за поддршка на заздравувањето и на повторниот раст на економијата, истовремено обврзувајќи се да спроведеме фискална консолидација на среден рок, односно да го намалиме и буџетскиот дефицит и јавниот долг“, рече министерот Бесими.

Планот за забрзан економски раст е реализација на она што го најавивме во Буџетот за 2021 година, односно Стратегијата за заздравување на економијата и забрзан раст или SmartER Growth, Политиките за буџетска консолидација од 2021 до 2025 година и Планот на јавни инвестиции 2021-2025 година.

„Планот е комбинација на традиционални и иновативни инструменти за финансирање. Предложени инструменти преку кои ќе се обезбедува финансирањето на проектите во планот се: механизмот за поголема ефикасност на капиталните расходи, развојната обврзница, проектните обврзници, зелените обврзници, обврзница индексирана на инфлација, јавно-приватните партнерства, управувањето со јавни средства, гарантната шема, Фондот за енергетска ефикасност, Фондот за локален и регионален развој, Фондот за истражување и развој, Фондот за поддршка на мали и средни претпријатија за нивен раст и развој, Стратешкиот зелен инвестициски фонд, Фондот за зголемување финансиски средства, Фондовите за ризичен капитал, и групното финансирање (краундфандинг)“, истакна министерот Бесими.

Планот за забрзан економски раст ќе поддржи инвестициски проекти во јавниот и приватниот сектор, кои ќе значат подобрување на конкурентноста на економијата и подобрување на квалитетот на живот, а ќе се концентрирани во повеќе приоритетни области: зелена економија, дигитализација, иновации и технолошки развој, развој на физичката инфраструктура и човечкиот капитал, како и социјална кохезија.

Министерот истакна дека воспоставена е прецизно дефинирана институционална структура за управување со целиот процес заради негова успешна реализација.

Планот е донесен во интензивна комуникација со меѓународните финансиски институции и други развојни партнери, кои изразија подготвеност да обезбедат финансиска и техничка поддршка. Преку воспоставената СЕФФ платформа (Skopje Economic and Finance Forum, SEFF), после одржаната Прва годишна Конференција на Министерството за финансии, Планот веќе беше претставен и пред бизнис заедницата, банкарскиот сектор и другите засегнати страни.

 

 


Заев - Бесими: Планот за забрзан економски раст е продолжение на успешните политики за достигнување раст на БДП над 5%, 12 милијарди евра инвестиции и 156.000 нови работни места

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев и министерот за финансии Фатмир Бесими денеска го претставија Планот за забрзан економски раст за периодот 2022-2026 година што денеска го усвои Владата. 

Во продолжение, Ви го пренесуваме обраќањето на претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев во целост:

„Почитуван вицепремиер Битиќи,

Почитувани министри за финансии Бесими, за економија Бектеши,

Почитувани директори, на ТИРЗ Деспотовски, на Агенција за странски инвестиции Павлески на ФИТР Коста Петров и на Развојна Банка, Кире Наумов

На денешната владина седница  го усвоивме  Планот за забрзан економски раст за период 2022-26 година, подготвен од Министерството за финансии во соработка со останатите владини ресори.

Клучна цел е креирање нови работни места и поттикнување на растот на економијата во нашата земја, со нови инвестиции, со 5% раст на Бруто домашниот производ и со одржување на стабилен јавен долг.

Планот инклузивно и длабински изработен во комуникација со меѓународните финансиски институции, партнери, комори, експерти.  

Планот за забрзан раст има три основни цели:

1.    Првата цел е зголемени инвестиции  во јавниот и приватниот сектор. Предвидени се јавни инвестиции во износ од 4 милијарди евра во следните пет години и мобилизирање на дополнителни 8 милијарди евра инвестиции од приватниот сектор. 

2.    Втората цел е забрзан раст, односно зголемување на просечната стапка на економски раст од 2,5% , колку што изнесуваше во изминатите 10 години на 5% просечно годишно во следните 5 години како таргет кој сакаме да го постигнеме.

3.    Третата цел е обезбедување фискална консолидација, односно намалување на буџетскиот дефицит и јавниот долг. 

Во однос на првата цел, планот нуди иновативен пристап до капитал за финансирање за забрзување на економскиот раст, пристап кој успешно функционира во Европската Унија. Покрај планираните јавни инвестиции во износ од 4 милијарди евра за периодот 2022-2026 година, финансирани од буџетот, со ИПА фондовите и со меѓународните финансиски институции, ќе се мобилизираат повеќе средства и инвестиции од страна на приватниот сектор.

Планот за забрзан економски раст ќе поддржи инвестициски проекти во јавниот и приватниот сектор, кои ќе значат подобрување на конкурентноста на економијата и подобрување на квалитетот на животот, а ќе се концентрирани во повеќе приоритетни области како зелената економија, дигитализација, иновации и технолошки развој, развој на физичка инфраструктура и човечки капитал, како и социјална кохезија. 

Меѓународните развојни партнери, ќе помогнат со финансиска поддршка и техничка помош за севкупна успешна реализација. Во таа насока Планот е комплементарен и усогласен со останатите стратешки документи на Владата, како и со Буџетот за 2022 година, кој е во завршна фаза на подготовка.

Она што сакам да напоменам е дека од особена важност се капиталните инвестиции, неопходни за економскиот развој, а кои се реализираат и во услови на пандемија континуирано, односно не запреа. За таа цел во функција е КАПЕФ механизмот, со кој се предвидува наградување на буџетските корисници со висок степен на извршување на капиталните расходи. Проценките се дека тој може да генерира дополнителни 1,5 милијарда евра капитални расходи во периодот 2022-2026 година. 

Од почетокот на годината до 22 октомври, реализацијата на капиталните инвестиции изнесува 14, 2 милијарди денари и е за 57,4 проценти повисока од истиот период минатата година. 

Втора цел на Планот за забрзан економски раст е зголемување на просечната стапка на економски раст од просекот во изминатите 10 години од 2,5% на 5% просечно годишно во следните 5 години.

Оваа цел веќе почнува да се реализира, а самиот раст на Бруто-домашниот производ од 5,6 проценти во првото полугодие оваа година, односно 13,1 проценти само во вториот квартал од оваа година е потврда дека економијата се враќа на патеките на брзиот раст. 

Неодамна и Светската банка ја зголеми прогнозата за растот на БДП на Северна Македонија во 2021 година, од 3,6 на 4,6 проценти, што ги надминува дури и нашите проценки за раст од 4,1 проценти.

Активноста на приватниот сектор ќе се зголеми,  преку воведувањето нови начини за пристап до капитал, инструменти, фондови и извори на финансирање со кои се мобилизираат неколкукратно повеќе средства и инвестиции токму од приватниот сектор. Со тоа, се делува на зголемување на вкупните инвестиции, на забрзан растот на бруто-домашниот производ и ќе се забрза отворањето  нови работни места.
Невработеноста сега е на ниво од 15,9 %, што е најниско ниво во поновата македонска историја. 

Согласно Планот, со растот на инвестициите, стапката на вработување се предвидува да се зголеми на 54,3% во 2026 година, а стапката на невработеност за првпат да влезе во едноцифрена зона до 2026 година од 8,6 %.

Третата цел е обезбедување фискална консолидација, односно намалување на буџетскиот дефицит и јавниот долг. 
Поволните макроекономски случувања ќе ги подобрат јавните финансии, што ќе доведе до фискална одржливост, со намалување на јавниот и јавно гарантираниот долг под 60% од БДП во 2026 година. 

Дополнително, напорите за фискална консолидација ќе го сведат буџетскиот дефицит на ниво од 2,2% од БДП во 2026 година. 

Овој план ќе ја зацврсти констатацијата дека Северна Македонија е земја со предвидливи услови и клима за инвеститорите, бидејќи ги содржи основните аспекти кои се од примарна важност за домашните и странските инвеститори. 

Планот е приказ на изворите на финансирање, областите и секторите во кои ќе се инвестира, финансиски инструменти атрактивни за инвеститорите, целосна мапа за реализација на истиот, но и мерки за реализација и ублажување и управување со евентуалните ризици при имплементација.

Сакам да нагласам дека лично давам целосна поддршка на овој план, бидејќи документот предвидува решенија за зајакнување на оние сегменти каде се увидени слабости во системот, како на пример поставување на институционална рамка која гарантира зајакнување на капацитетите и високо ниво на реализација и имплементација на основните задачи кои ги поставуваме.

Карактеристика на оваа Влада е домаќинско, отчетно, одговорно и транспарентно работење, а тоа се гледа и во стабилниот Буџет како на централно така и на локално ниво. И во услови на пандемија, немаше застој во исплата на плати, пензии, приватниот сектор и најпогодените гранки беа финансиски поддржани, а паралелно ги креиравме и овие крупни долгорочни Планови од кои бенефит ќе имаат сегашните и идните генерации. 

Почитувани граѓани,

Согласно препораките и на Европска Унија, посветени сме на реализација на зеленото сценарио, изградба и инвестиции во ветерни и фотоволтаични централи за целосна транзиција и користење на обновливите извори за создавање чиста енергија. 

Тоа е препознаено и од сериозни инвеститори кои вложуваат во Северна Македонија, како германската Ви-Пи-Ди која е најголемата инвестиција во историјата на македонската економија вредна над 500 милиони евра каде од 69 ветерници  ќе се создадат над 414 мегавати струја од македонскиот ветер.

Согласно Планот за економски раст, на располагање ќе биде и хибридниот фонд за зелена и дигитална економија, наменет за мали и средни претпријатија, понатаму, посебен Хибриден стратешки зелен инвестициски фонд за поддршка на инвестиции во големи претпријатија и инфраструктура во приоритетни сектори на Европскиот зелен договор. Компаниите ќе може да го користат и Инструментот за зелено финансирање со цел забрзување на инвестициите во обновливи извори на енергија и да се финансираат решенија за енергетска ефикасност од страна на малите и средните претпријатија, претприемачите и домаќинствата. 

Соработката на јавниот и приватниот сектор е од голема важност, за севкупен развој на економијата и овој План, токму тоа го препознава. Го препознаа и меѓународните финансиски институции и партнери во последните извештаи за напредок и оценка  на земјата.

И Европската Комисија во последниот извештај за Северна Македонија, јасно го потенцира напредокот и доброто ниво на подготовка во развојот на функционална пазарна економија. Владата, се наведува во извештајот, спровела силен фискален одговор за да го ублажи влијанието на кризата врз домаќинствата и фирмите.  

Со ваквото планирање, фискалните политики се стабилни, а брзиот раст на економијата е гарантиран, а со тоа обезбедуваме и стабилна и сигурна сегашност и подобра иднина за сите наши граѓани, за целиот наш народ.

Ви благодарам на вниманието.“