Општините да го следат примерот на Владата за рационално користење на буџетските средства преку носење акти за користење на службени возила и угостителски услуги.
Кабинетот на заменикот на претседателот на Владата задолжен за борба против корупција и криминал, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски, ги повикува сите новоизбрани градоначалници да го следат примерот на Владата за донесување на одлуки за регулирање на начинот на користење на службените возила и трошоците за угостителски услуги за работни состаноци. Локалните единици тоа може да го сторат, преку општинските совети со донесување на посебни акти со кои ќе се ограничат средствата за репрезентација на градоначалниците и користење на службените возила.
На предлог на кабинетот на вицепремиерот Љупчо Николовски, годинава се донесоа две одлуки кои се однесуваат на ограничување на користењето на службените возила и на службените трошоци за угостителски услуги за работни состаноци. Овие одлуки се во насока на рационално и транспарентно користење на буџетските средства.
Веќе се применува одлуката за регулирање на користењето на службените возила. Секое користење на службените возила за вработените претходно според точно утврдена процедура се одобрува. Целтa е оправдано, наменско, рационално користење на службените возила, односно да не се користат возилата за приватни цели.
Истотака, функционерите ја применуваат и почитуваат одлуката за начинот на користење и висината на финансиските средства за угостителски услуги во угостителски објекти во државата при одржување на работни состаноци. Функционерите имаат точно определени износи кои смеат да ги искористат за угостителски услуги за работни состаноци, според точно утврдени критериуми.