Заменикот на претседателот на Владата, задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи и министерот за економија Крешник Бектеши учествуваа и се обратија на свеченото отворање на „Првиот годишен Самит на Националната платформа за женско претриемништво“, кој се одржа на тема „Нови перспективи на женското претриемништво“.
Вицепремиерот Битиќи изрази надеж дека овој Самит ќе биде прв од многуте кои, секоја година ќе одбележуваат зголемено учество и интегрирање на жените во претприемништвото, овозможувајќи им поддршка и соработка и создавајќи едно општество и бизнис клима, кои нема да демонстрираат никаков вид на дискриминација.
„Инклузивното општество е Европско општество, а нашата европска визија е јасна. Токму родовата еднаквост е дел од стратешките цели на оваа Влада и таа значи искоренување на сите родови стереотипи, преку креирање на политики и создавање на мерки кои ќе го помогнат тој процес. Жени во бизнисот и жени на лидерски позиции се конкурентска предност. Но, за да можеме да стигнеме до оваа додадена вредност, која сите нас ќе не поведе напред, потребно е сите сили и намери да ги насочиме кон повеќеслојна системска поддршка во креирање на опкружување во кое сите имаат еднакви можности, прво, а потоа да се осигураме дека оние кои се колебаат, ќе се осмелат“, нагласи во воведното обраќање Битиќи.
Тој додаде дека Владата преку повеќе системски мерки го стимулира женското претриемништво, а застапеноста на жените како управители или основачи на претријатитијата е се поголема.
„Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување, со кој и во оваа година се планирани навистина значајни средства за самовработување и основање на сопствен бизнис. Од оваа година има значајна системска промена, која ја воведовме како афирмативна инклузивност и диверзитет, а со која жените имаат предност 60 спрема 40 во однос на мажите. Покрај ова, Фондот за иновации и технолошки развој, во 2020 година, објави нов инструмент, “Кофинансирани грантови за технолошки развој за надминување на последиците од КОВИД-19”, а како поткритериум за оценување во овој инструмент, исто како и кај Оперативниот план за вработување, го воведе и рамномерниот регионален развој и рамномерна родова застапеност, односно проектите кои се од помалку развиени региони и проекти кои се од компании кои имаат жена сопственик/управител се оценуваат со бодови повеќе во рамките на овој поткритериум. За поздравување е и тоа што во вкупното портфолио на компании кои ги поддржува ФИТР, а кое изнесува 686 компании, околу 42% се компании кои ги управуваат и водат жени и притоа реализираат проекти во вкупна вредност од над 20 милиони евра“, објасни вицепремиерот и додаде дека Владата напорно работи во насока потполно да ја искорени дискриминацијата по било каков основ и да создаде подеднакви услови за сите граѓани да можат да ги реализираат своите соништа.
Министерот за економија Крешник Бектеши, истакна дека Министерството за економија е институција која ја препознава улогата на жените во сите сфери на општеството, а особено во делот на економските активности.
„Ова го потврдивме во изминатите 11 години со тоа што од 2012 година воведовме и веќе 11 години ја реализираме мерката – финансиска поддршка за женско претприемништво преку која ги кофинансираме трошоците за набавка на опрема и уредување на деловен простор само на компаниите во сопственост и управувани од жени. Во 2018 година донесовме и Стратегија за развој на женското претприемништво 2019-2023 со која ги дефиниравме и стратешките приоритети кон кои се стремиме, а усвоивме и Акциски план со конкретни мерки и активности за остварување на поставените цели. Една од мерките во Стратегијата беше и воведувањето на стимулативни критериуми при евалуација на апликации/проекти поднесени од жени а кои се субвенционираат од страна на државни институции и за оваа мерка со задоволство сакам да истакнам дека веќе се имплементира од повеќето владини институции вклучително и од Министерството за економија“, започна министерот.
Бектеши додаде дека за спроведувањето на предвидените активности од акцискиот план на Стратегијата за развој на женското претприемништво во Република Северна Македонија 2019-2023 и подигнување на степенот на соработка, Министерството за економија, потпиша Mеморандум за соработка со Националната платформа за женско претприемништво основана од Асоцијацијата на бизнис жени, со Сојузот на стопански комори, Националната федерацијата на фармери и Фондација за менаџмент и индустриско истражување МИР. Еден од стратешките приоритети е промоција на женското претприемништво преку реализација на повеќе мерки и активности меѓу кои и воведување на годишни награди за жени претприемачи.
„За реализација на активноста - воведување на годишни награди за жени претприемачи, Министерството за економија како институционален покровител и Националната платформа за женско претприемништво за прв пат, оваа година организираат „Избор на жена - претприемач на годината“ кој се спроведува преку селекција на најдобрите компании во сопственост и управувани од жени врз основа на официјални податоци од завршните сметки на претпријатијата. Селектирани беа вкупно 51 компанија во сопственост и управувани од жени кои ги исполнија овие критериуми и навистина сите тие заслужуваат признание за постигнатите резултати. Ова е доказ дека има моќни и успешни жени кои знаат да водат бизнис и притоа да постигнат извонредни резултати. Од добиените податоци видовме дека од овие 51 компанија, 40 се во категорија на мали, 10 во категорија на микро и една е средно претпријатие. Во периодот 2018-2020, овие 51 компании успеале да го зголемат бројот на вработени за 70,73% а добивката да ја зголемат за дури 112,44%. Импресивен е податокот што во време на пандемија овие компании успеале не само да го задржат туку и да го зголемат бројот на вработени. Овие 50 компании, заедно, во 2019 вработувале вкупно 596 вработени, а во 2020 тој број на вработени се зголемил на 741“, кажа во своето воведно обраќање, министерот за економија Крешник Бектеши.
Освен вицепремиерот Битиќи и министерот Бектеши, воведни обраќања на отворањето на самитот имаа и градоначалничката на град Скопје, Данела Арсовска, заменик раководителот на Делегацијата на ЕУ во Северна Макеоднија, Џулијан Васало и Претседателката на Националната платформа за женско претриемништво Валентина Дисоска.