Промовирана Рамковната програма за конкурентност и иновации за 2012 година
Министерот за економија Ваљон Сараќини и амбасадорот на ЕУ Аиво Орав денеска во Скопје ја промовираа Рамковната програма за конкурентност и иновации за 2012 година. Програмата има вкупен буџет од над три милијарди евра и е за период од 2007 до 2013 година. Содржи три подпрограми - претприемништво и иновации, поддршка на политики на информатичко комуникациски технологии и интелегентна енергија на Европа.
- Ова е интересна програма за нашите компании и за нашата деловна заедница затоа што постојат многу финансиски средства во ЕУ кои нашите компании можат да ги искористат и тоа со аплицирани, квалитетни и издржани проекти. Република Македонија досега има искористено многу малку средства од вкупниот буџет на програмата и тоа 1,5 милиони евра, односно аплицирано е за вкупно шест проекти. Мислам дека оваа бројка е многу мала и има простор сите да работиме заедно за да привлечеме што е можно повеќе средства, изјави Сараќини.
Врз основа на нашите апликации се прави буџетот за наредната година. За оваа година, според министерот за економија, се предвидени 320 милиони евра за програмата за претприемништво и иновации, 150 милиони евра за програмата за поддршка на политиките за информатичко комуникациски технологии и околу 120 милиони евра за проектот за интелегентна енергија.
- Уште еднаш ќе упатам апел до сите наши компании што повеќе да аплицираат за вакви средства. Министерството за економија е партнер на ЕУ за имплементација на овој проект. Ние веќе од 1 мај почнуваме активно да држиме обуки и да ги презентираме овие програми бидејќи не знам која е причината поради која не аплицираат нашите компании - дали тоа е недоволна информираност или недоволен административен капацитет на нашите компании за да се аплицира за вакви проекти, изјави Сараќини.
Евроамбасадорот Аиво Орав истакна дека Европската Комисија доставила предлог до Европарламентот за продолжување на оваа програма по 2013 година. Новата програма наречена ЦОСМЕ се очекува да започне во 2014 година и да трае до 2020, со буџет од 2,5 милијарди евра.
- Се надевам дека бизнис реформите кои се веќе започнати во земјата ќе продолжат и во 2012 година. Доколку тие се ефективни ќе донесат нови инвестиции, отворање нови работни места, ќе го зголемат извозот на локалните компании и генерално тоа ќе влијае на животниот стандард на граѓаните, изјави Орав. ЕУ, додаде тој, ќе продолжи да биде ваш партнер и ќе ја поддржува земјата на нејзиниот пат за влез во Унијата.