Годинава поголеми субвенции за пчеларите
Од над 2,3 милијарди денари наменети за субвенции во сточарското производство од Програмата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, одгледувачите на пчели годинава ќе добијат за 100 денари поголема субвенција во споредба со лани.
За најмалку 35 регистрирани презимени пчелни семејства, како што соопштуваат од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, на одгледувачите на пчели годинава ќе им се исплатат по 600 денари субвенција, наместо по 500 колку што изнесуваше лани поддршката за секое презимено пчелно семејство.
Доколку пчеларниците се наоѓаат во рурални подрачја, каде што има ограничени услови за производство, критериумот за субвенционирање се намалува за 50 проценти. Тие ќе добијат и за 15 проценти поголема субвенција. Годинава зголемена е и финансиската поддршка која државата ја дава на пчеларите за набавка на матици. Таа во споредба со лани е поголема за 150 денари за матица и изнесува 500 денари, наместо ланските 350 денари.
Корисници на оваа подмерка од Програмата се земјоделските стопанства кои поседуваат најмалку 15 пчелни семејства – нулеуси и кои од одобрено и регистрирано одгледувалиште на пчелни матици, имаат купено до 10 матици во периодот од октомври 2011 до април 2012 година.
Како и лани, поддршката за подигање на нови површини под медоносна флора изнесува 2.500 денари за хектар за минимум подигнати 0,2 хектари или осум денари за садница со фацелија, еводија или багрем. Корисници на оваа финансиска поддршка се земјоделските стопанства кои поседуваат намалку 35 презимени пчелни семејства.
За руралните подрачја и подрачјата со ограничени можности за производство, соопштуваат од ресорното Министерство, критериумите се намалуваат за 50 проценти. Дополнителната финансиска поддршка за пчеларите од руралните подрачја кои ќе подигнат насад со медоносни растенија се зголемува за 15 проценти.
Рокот за поднесување барања за финансиска поддршка за презимено пчелно семејство за набавка на матици и за подигање на насад со медоносни растенија е до 20 јуни годинава.