Со едноминутен молк во знак на почит за жртвите од автобуската несреќа во Бугарија, денеска во српското Народно собрание во Белград започна политичкиот панел од конференцијата „Отворен Балкан - Пат кон стабилизација, соработка и просперитет на регионот“ на којшто онлајн обраќање имаше заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров како претставник на Северна Македонија.
Дискусијата беше фокусирана на политичката димензија на оваа регионална иницијатива од аспект на придобивките изразени преку зголемена стабилност и просперитет. Вицепремиерот Димитров нагласи дека иницијативата „Отворен Балкан“ има изразена европска димензија и потенцијал да придонесе за придвижување на процесот.
Димитров: „Надминувањето на економскиот јаз е многу важно во контекст на европската перспектива на регионот, реформските заложби насочени кон демократските принципи и почитување на владеењето на правото, не можат да се интернализираат доколку не постои економски раст и социјален напредок. Ефектот на одложување и застој има силно влијание врз нашата внатрешна политика и го прави уште поголем предизвикот да се задржи европскиот курс. Токму затоа, оваа иницијатива е целосно комплементарна на европската визија, но е израз на политичка мудрост и разумност дека нашиот избор не е да чекаме и да не правиме ништо, туку напротив постои проактивност и подготвеност за придонес од наша страна и испорачување резултати. Областите кои се предмет на оваа соработка се и наши обврски на патот кон ЕУ.“
Тој подвлече дека „Отворен Балкан“ како механизам за регионална соработка е комплементарен и на останатите иницијативи во рамки на Берлинскиот процес. Димитров истакна дека резултатите од соработката не треба да бидат ограничени на политичко зближување, туку на реални придобивки за граѓаните, а особено младите.
Димитров: „Преку овие конкретни чекори за зближување всушност ги зајакнуваме добрососедските односи и ја унапредуваме состојбата во регионот, бидејќи кога сме упатени едни на други, кога сме блиски, расте меѓусебната доверба, повеќе не се перцепираме едни со други како закана, а со тоа се зацврстуваат и стабилноста и просперитетот. Меѓутоа, заложбите за зближување не треба да бидат ограничени на политичко ниво, туку најважно е пред сé да се инвестира во непосредните меѓучовечки односи и да се креираат можности, особено во однос на младите. Секогаш истакнувам дека ние сме во трка со времето, да го направиме овој регион европски за да си ги задржиме младите луѓе дома. Колку поголем успех ќе постигнеме, толку поголема ќе биде и мотивацијата за приклучување, а и одгласот на пораката дека заслужуваме европска иднина.“
Настанот беше организиран од Народното собрание на Република Србија, Српско-американскиот конгрес за пријателство и Источно-западниот мост, при што се обратија и специјалниот претставник на САД за Западен Балкан – заменикот помошник секретар Габриел Ескобар, како и премиерката на Србија Ана Брнабиќ и премиерот на Албанија Еди Рама. Заменик помошникот секретар Ескобар истакна дека овој регион нуди многу можности за соработка и придонесува за стабилноста, поради што е неопходно да се заокружи процесот за европска интеграција со полноправно членство на овие земји во Унијата, како стратешка цел на САД.