Законот за доброволно дополнително здравствено осигурување тема на владиниот Економски совет

Законот за доброволно дополнително здравствено осигурување и позитивните и негативните страни евентуално што можат да произлезат од имплементација на ова законско решение, беше едно од главните прашања на разгледување на денешната седница на владиниот Економски совет.

Ова попладнево во Владата го изјави министерот за здравство Никола Тодоров, кој рече дека Законот се базира на два аспекти - првиот се однесува на доброволно осигурување кое покрива три типа на здравствени услуги - надстандардните здравствени услуги, дополнителните здравствени услуги или услугите кои се даваат како резултат на дополнителна дејност и партиципацијата. Вториот аспект на овој Закон, посочи Тодоров, е приватното здравствено осигурување односно дополнително осигурување кое ќе може да го набават како осигурителен продукт граѓаните од осигурителните компании за да го користат во приватните здравствени установи односно оние кои ќе бидат надвор од мрежата на јавно финансирани здравствени услуги.

Одговарајќи на новинарско прашање, министерот Тодоров истакна дека основниот пакет на здравствени услуги во Македонија е регулиран и определен во Законот за здравствено осигурување во членот 9, а во членот 10 се определени сите здравствени услуги кои се надвор од здравствениот пакет односно услуги кои се на товар на пациентите.

- Со новиот концепт на Законот за здравствена заштита се овозможи по пат на концесија да се проширува мрежата на здравствени дејности кои ќе бидат во рамки на јавно финансираните здравствени услуги. Практично, целиот овој систем ќе се базира на се она што ќе биде надвор од таа мрежа, односно приватните здравствени услуги и дополнителните услуги, рече Тодоров.

Ќе се нудат продукти, потенцира тој, кои ќе ги покриваат трошоците за добивање на услуга како дополнителна дејност.

- Тоа значи дека сега во моментот кога ние ќе ги објавиме цените за дополнителната дејност и услугите кои можат да се даваат за неа, тие ќе бидат предмет на продажба како осигурителни продукти од страна на осигурителни компании, како и сите здравствени услуги кои се во мрежата, но се обезбедуваат од страна на приватни здравствени установи кои вршат дејност надвор од мрежата, нагласи Тодоров.

Тој рече дека на денешната седница на владиниот Економски совет биле разгледани и прашањата поврзани со извештајот на Дуинг бизнис и индикаторите кои треба да се исполнат од Македонија за подобар прогрес на рангирањето на Дуинг бизнис.

- Беа разгледани најавените 50 мерки кои се потребни за подобрување на статусот на Република Македонија во ова меѓународно рангирање. Беа разгледани поголем број од тие мерки. Како резултат од тоа можеме да констатираме дека еден дел од мерките се веќе реализирани, а еден дел се во завршна фаза на реализација, а останатите треба да бидат реализирани во рамки на периодот кој е утврден, додаде Тодоров.