Портпаролите на Владата на Република Северна Македонија, Муамет Хоџа и Душко Арсовски на денешната редовна прес-конференција информираа за заклучоците и одлуките донесени на двете седници, 123-та и 122, кои се одржаа вчера и денеска и одговараа на прашања од интерес на јавноста и медиумите.
Хоџа и Арсовски посочија дека на денешната 123-та седница, којашто се одржа преку интернет комуникациска врска, Владата го утврди текстот на Предлог-одлуката за одобрување на продолжување на рокот за постоење на кризна состојба во снабдувањето со електрична енергија на целата територија на Република Северна Македонија, заради недостиг на електрична енергија и состојбите на пазарите на електрична енергија.
Со Предлог-одлуката му се предлага на Собранието на Република Северна Македонија да одобри продолжување на рокот за постоење на кризна состојба во снабдувањето со електрична енергија во наредните 6 месеци, односно до 9 јуни 2022 година, со цел обезбедување континуитет во спроведувањето на мерките и активностите за надминување на состојбата во снабдувањето со електрична енергија.
Портпаролите Хоџа и Арсовски на редовната прес-конференција, која се одржува по владините седници, подвлекоа дека е донесена Владина одлука за еднократна финансиска награда од 30 денари по пациент за матичните лекари доколку достигнат и надминат опфат од 70% со вакцинација на своите пациенти од вкупниот број запишани кај нив.
На предлог на Комисијата за именување, на вчерашната седница, на проф. д-р Владо Бучковски му е продолжен мандатот специјален претставник на Владата на Република Северна Македонија за Република Бугарија, што истекува денеска.
Донесена е и Одлука за распределба на средства од Буџетот за 2021 година за поддршка на имплементацијата на Декадата и Стратегијата за Ромите.
Со 14,9 милиони денари ќе се финансираат повеќе инфраструктурни проекти во ромските заедници во Крива Паланка, Кавадарци, Прилеп, Кочани, Ранковце, Делчево и Шуто Оризари.
Портпаролите информираа дека вчера се утврдени текстовите на Предлог-законот за финансиска поддршка за намалување на последиците предизвикани од пандемијата со КОВИД-19 врз производството и откупот на земјоделски производи јаболко и ориз и Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за финансиска поддршка за намалување на последиците предизвикани од пандемијата врз производството, откупот на грозје и винската индустрија со дополнување со нови корисници на финансиската поддршка, на предлог на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Портпаролите на Владата, на прашање на новинарите, за евентуално планирано покачување на струјата истакнаа дека цената на енергенсите се во постојан пораст на светските берзи и постои недостаток на електрична енергија и дека сите аспекти ќе се имаат предвид кога на некоја од наредните седници ќе се разговара за оваа состојба.
„Фокусот на АД „ЕСМ“ е на зголемувањето на домашното производство на електрична енергија и ги презема сите чекори за продолжување на континуираното производство на електрична енергија во текот на грејната сезона. Во РЕК Битола е засилен ископот на јаглен за потребите на стабилно обезбедување електрична енергија за домаќинствата и за малите потрошувачи. Обезбедени се дополнителни 90.000 тони јаглен од Албанија за почеток на производство на струја за стопанството по подостапни цени од моменталните на берзите. За истата намена, последниот јавен повик кој се објави деновиве за набавка на 810.000 тони јаглен ќе биде отворен во текот на целата 2022 година. По едномесечниот ремонт денеска почна со работа и РЕК Осломеј и за таму се обезбедува дополнителен јаглен“, информираа портпаролите.
Владините портпароли информираа дека дел од стратегијата за надминување на енергетската криза е и активирањето на ТЕЦ „Неготино“ за што е распишан е јавен оглас за набавка на мазут. Понудите се очекуваат до денеска, по што ќе бидат отворени и по набавката и доставата на мазутот, и ТЕЦ „Неготино“ ќе се вклучи во производството.
„Државата ги следи состојбите во сите сектори, вклучително и во преработувачката и во прехранбената индустрија. Владата е во постојан отворен дијалог со сите засегнати страни во стопанството. Една таква комуникација се одвива преку платформата за социјално-економски дијалог која ги опфаќа социјалните партнери и четирите најголеми комори преку која се одржуваат редовни состаноци и секако тој не е прекинат. Она што може да се каже е дека не треба да се создава паника со најави за високи поскапувања. Постојат механизми, Владата ги уверува граѓаните и стопанствениците дека и натаму ќе продолжи да биде партнер со сите засегнати страни за соодветно да се реагира на секој предизвик“, беше одговорено на прашањето за планираните политики во врска со поскапувањата на прехранбените производи.
На прес-конференцијата, портпаролите информираа дека посмртните останки на 45-те загинати во сообраќајната автобуска несреќа во Бугарија ќе бидат пренесени во Северна Македонија со организиран авионски лет во петок (3.12.2021), откако утре, како што се очекува, ќе биде завршена обдукцијата на телата според информациите на Бугарското обвинителство.
Телата на загинатите, според државен протокол ќе им бидат предадени на семејствата.