ФЗОМ: Пари за трансплантација има, потребно е донесување подзаконски акти и подигање на свеста кај граѓаните
Пари за трансплантација има, во следните два месеца треба да следат законски измени и донесување 13 уредби како подзаконски акти од страна на Владата, по што ќе следи системско заокружување на процесот за решавање на прашањето на трансплантацијата. Потребно е да се работи на подигање на свесноста кај граѓаните за потребата од донирање органи.
Ова денеска го изјави директорката на Фондот за здравствено осигурување на Македонија Маја Парнарџиева Змејкова, по состанокот на која присуствуваше министерот за здравство Никола Тодоров, како и стручњаци од областа на трансплантацијата, хирургијата, лабораториите, како и лица поврзани со трансплантација од јавно и приватно здравство.
- Би сакала денешниот ден да се запамети како една пресвртница во Македонија или во здравствениот систем за решавање на прашањето на трансплантацијата и на судбината на нашите осигуреници. Се одржа состанок со цел да ги презентираме акцискиот план за трансплантација и подзаконските акти кои треба да се донесат, рече Парнарџиева Змејкова.
Согласно Акцискиот план за трансплантација кој е на веб-страниците и на Фондот и на Министерството, посочи таа, во следните два месеца, покрај измена на Законот и донесување 13 уредби како подзаконски акти од страна на Владата, ќе следи и системско заокружување на процесот преку дефинирање национални координатори и изготвување решенија за овластени здравствени установи кои ќе работат на трансплантацијата.
- Можеме да потврдиме дека и Законот и предлог подзаконските акти се изработени по двете директиви на ЕУ од 2010 и 2004 година за органи и ткива, но и по примерот на лидерот во Европа за трансплантација, а тоа е Хрватска која во последните две години е број 1 земја за трансплантација. Во буџетот на Фондот предвидени се пет трансплантации за Детска хирургија, 11 за Клиниката за хематологија и 20 рекордни трансплантации за Урологија, истакна Парнарџиева Змејкова.
Таа појасни дека станува збор за трансплантации кои веќе се договорени со здравствените установи и рефлектирани во нивните буџети од април до декември.
- Засебно од тоа Фондот има дефинирано посебен наменски буџет за кадаверична трансплантација (од починат дарител) и тоа во висина од 70 милиони денари, додаде Парнарџиева Змејкова.
Министерот Тодоров рече дека со одржувањето состаноци сакаат да добијат поширока дискусија во стручната јавност за да не се случи да се пропушти нешто што е битно.
- Станува збор за регулирање на еден нов систем во Македонија. Имаме систем на изјаснување во кој изречно треба да се поднесе изјава со која лицето се согласува во случај на констатирање мозочна смрт да ги донира неговите органи. Има и друг систем во кој доколку нема негативна изјава, се смета дека таа е дадена позитивно. Кај нас е прифатен првиот систем, рече Тодоров.
Наредната недела, посочи тој, повторно во детали ќе биде разговарано за сите уредби, а ако бидат усогласени ќе бидат пуштени во владина процедура.
Одговарајќи на новинарско прашање Тодоров нагласи дека треба посериозно да се работи на подигање на свесноста кај граѓаните за потребата од проширување на чувството дека секој човек може да му помогне на некој друг човек да го продолжи квалитетно својот живот.
- Станува збор за многу интимна работа, но мора сите заедно - и Министерството и Фондот и најмногу медиумите да работиме за подигнување на свеста кај граѓаните за потребата од трансплантација, додаде Тодоров.