„Борбата против корупцијата е процес за којшто ни треба единство, ни треба соработка и придонес од секого. Затоа, уште повеќе ќе ја зајакнеме координацијата меѓу надлежните институции, министерствата, независните институции како што се Државната комисија за спречување корупција и судовите, невладиниот и приватниот сектор за фокусирани стандарди и ефективни механизми за следење и за спречување на сите форми на корупција. Сега сме дел од НАТО и најблиску до ЕУ, свесни сме дека нашата волја и храброст е законот да важи за секој, да нема привилегирани и недопирливи, да нема неказнивост!“, истакна заменик-претседателот на Владата задолжен за борба против корупција, човечки ресурси и одржлив развој, Љупчо Николовски на денешната конференција, која по повод одбележувањето на Меѓународниот ден за борба против корупцијата, во организација на неговиот Кабинет се одржа во Скопје.
„Свесни сме дека корупцијата е сериозна закана за владеењето на правото, демократијата и економскиот развој. Освен закана тоа нѝ е и најголем мотив да не бегаме од таа тешка реалност, да не одлагаме повеќе, да не калкулираме туку одлучно да се спротивставиме и да одработиме за доброто на сите“, рече Николовски, во рамки на двочасовната конференција под мотото „Твое право, твоја должност! Кажи не за корупција!“ на која се обратија и учествуваа и претседателот на државата Стево Пендаровски, претседателот на Собранието, Талат Џафери, амбасадорката на Соединетите Американски Држави, Кејт Мери Брнз, заменик-шефот на Делегацијата на Европската Унија во Република Северна Македонија, Џулијан Васало, раководителката на програмската канцеларија на Советот на Европа, Лејла Дервишагиќ, раководителот на Канцеларијата на Обединетите нации за дрога и криминал (УНОДЦ), Бил Вуд, како и директорката на Регионалната антикорупциска иницијатива (РАИ) Десислава Готскова, како и одделни претставници на антикорупциски институции и независни тела.
Осврнувајќи се на Планот за борба против корупција и успешната реализацијата на владините заложби за остварување на реформите и воведувањето на функционални механизми за спречување на корупцијата и криминалот, Николовски ги спомена сите конкретни промени кои изминатите 10 месеци беа донесени и преземени во соработка со останатите министерства и антикорупциски институции, за кои беше презентирано и ретроспективно видео.
Николовски особено го нагласи воведувањето на Активната транспарентност, односно остварувањето и поставувањето на стандардот за пристап до сите информации и достапноста на граѓаните и медиумите за следење на секоја трансакција направена со парите на граѓаните. Имплементирани се повеќе препораки од ГРЕКО, воведена е јасна обврска за сите министри за објава на имињата на сите посебни советници и други надворешно ангажирани лица и донесена е нова Уредба за критериуми, начин на давање, пријавување и примање дарови.
Донесен е нов Кодекс за етичко однесување кој за прв пат ги опфати сите носители на јавни функции именувани од Владата, вклучувајќи ги и нејзините членови, кој беше применет и согласно неговите одредби беа разрешени повеќемина функционери поради неговото прекршување.
За институциите, додаде Николовски, се воведени нови обврски за изработка и јавно објавување на интерни процедури за јавни набавки, за прв пат се изработуваат антикорупциски програми, се назначуваат овластени лица за прием на пријави доставени заради заштитено внатрешно пријавување за постоење на евентуална корупција. Започна реализацијата на системот „Е-инспектор“ за дигитално спроведување на надзорите и контролите и за прв пат сериозно Владата работи на дигитална трансформација на општеството како една од клучните компоненти како механизам за намалување на ризик факторите за корупција со цел подобрување на квалитетот на живот на граѓаните и олеснување на нивната комуникација со институциите.
Во своето обраќање Николовски го спомена и новиот подготвен Закон за потекло на имот и воведувањето на граѓанска конфискација, со кој се воведува контрола на капиталот, со што се отвора патот за конфискација на имотот, за којшто не може да се докаже од каде потекнува, како и усвоената Национална стратегија за јакнење на капацитетите за водење на финансиски истраги и конфискација на имот со Акциски план 2021/23 година и за прв пат е активирана и Националната Комисија чија основна функција е следење на акциските планови на стратегијата.
Покрај измените и дополнувањата за Законот за јавни претпријатија и јавни установи, според кој се намалува бројот на членови на управни и надзорни одбори, беше спомената и Одлуката со која се ограничуваат трошоците за угостителски услуги за работни состаноци во угостителски објекти, која што важи за сите државни функционери, како и Уредбата, со која се регулира и користењето на службените возила на функционерите.
Воведен е систем за следење предмети кој им овозоможува на граѓаните и на правните лица да пријавуваат проблеми за непостапување на институциите по основ на конкретни услуги и предмети и електронско следење на нивното решавање. Со измените на законите за административни службеници се обезбедува департизација и обезбедување квалитет и јасни и еднакви критериуми за вработување и еднакви можности и шанси за секој. Мерки за спречување ризик од коруптивни дејства се и воведените аудио и видео надзори во работата на различен тип на службеници, инспектори и контролори, Предлог-мерката, воведување на Регистар на цени на стоки и услуги, се уредува процесот на планирање на јавните набавки и подготвувањето на годишните планови за јавни набавки и обврската на економските оператори да ги користат референтните цени истакнати во регистарот на цени при распишувањето на јавната набавка. Во соработка со стопанските комори предвидуваме да се воведат антикорупциски програми и правила за интегритет во приватниот сектор, за штитење на интегритетот на релевантните приватни компании“, информираше Николовски додавајќи дека се предвидува и нов електронски систем за пријавување корупција, електронски систем за распределба на предмети во Државното правобранителство, воспоставување на ревизорски комитет за ефективно потапување по препораките на државниот завод за ревизија.
Николовски, истакна дека Владата како партнер со граѓаните и невладиниот сектор и медиумите се заедно во борбата против корупцијата, кога гласно се известува и се разоткриваат случаи, во споредба со минатото кога тоа не беше воопшто можно, а отстранување на корупцијата од општеството се остварува со обезбедување одговорно, инклузивно и транспарентно донесување одлуки на сите нивоа, како и со развивање ефективни, одговорни и транспарентни институции.
Претседателот Пендаровски, во својот говор истакна дека корупцијата ја слабее државата, ги осиромашува граѓаните, ги компромитира демократските институции и цената ја плаќаат сите, особено, најранливите категории на луѓе меѓу нас.
Додавајќи дека независно од тоа дали причините за корупцијата ќе ги бараме во човековата природа, во системските и структурни недостатоци или законски празнини, Пендаровски оцени дека постои еден фактор што неспорно ја поттикнува оваа штетна појава, а тоа е културата на неказнивост.
„Многу е важно, санкционирањето да не се ограничи само на лица од вториот или третиот ешалон на власта, туку да ги опфаќа и најмоќните. Меѓутоа, она што посебно загрижува е што таквите поединци не само што не се санкционирани, туку отсуствува и елементот на јавен срам. На јавен срам треба да биде изложен секој за кој ќе се докаже дека е корумпиран. Наша должност е, борејќи се против корупцијата, да создадеме праведно општество на еднакви граѓани. Без тоа, демократијата и државноста ќе ни останат само на хартија“, упати порака претседателот Пендаровски на денешната конференција со мото: „Твое право твоја должност! Кажи не за корупција!“
Претседателот на Парламентот на Република Северна Македонија, Џафери ја оцени потребата од обединување и соочување на сите граѓани, а не само на државниот апарат, во борбата против корупцијата, која како што подвлече е глобален проблем.
„За да го постигнеме ова, мора да воспоставиме политики, систем и мерки за секој да може да се чувствува безбеден да зборува јавно и гласно кога ќе ѝ каже не, на корупцијата којашто на зачудувачки начин успева да најде плодно тло во секоја сфера на општеството, нанесувајќи притоа ненадоместлива штета на очекуваниот одржлив развој и напредок на земјата, злоупотребувајќи ги вредните ресурси кои се неопходни за обезбедување на стандардни услови за живот за сите наши граѓани и за обезбедување на поширок пристап до елементарните услуги како што се здравствената заштита и образованието, без притоа да се запостават напорите за обезбедување на здрава и чиста животна средина, постигнувањето на родова еднаквост и отворањето на нови работни места. Недоличното и неправилното постапување со јавните ресурси особено е штетно во ова време кога се тие најпотребни за одговор и закрепнување од пандемиската криза со КОВИД-19“.
Амбасадорката на САД, Брнз во своето обраќање подвлече дека за да напредуваат демократиите, мора да постојат одговорни институции, кои одговараат на потребите на граѓаните, притоа истакнувајќи дека повеќе од две децении, американската Влада е силен поддржувач на бројните антикорупциски напори преземени од Владата, како и независни тела за поддршка на силна, стабилна и просперитетна нација.
Заменик-шефот на Делегацијата на Европската Унија во Република Северна Македонија, Џулијан Васало во денешното обраќање на конференцијата, истакна дека ефикасната борба против корупцијата, заедно со почитувањето на правото и демократските принципи се главен предуслов за идното членство во Унијата. Тој додаде дека борбата против корупцијата подразбира пристап на целото општество и фундаментална промена од врвот до дното, бидејќи користа ќе биде за сите.
Раководителката во програмската канцеларија на Советот на Европа во Скопје, Лејла Дервишагиќ и шефот на програмската канцеларија на УНОДЦ во нашата земја Бил Вуд, во своите обраќања, како и директорката на Регионалната антикорупциска иницијатива (РАИ) Десислава Готскова, во видео обраќање се осврнаа на важноста на вклучувањето на секој поединец при почитувањето на воспоставените ефикасни механизми за успешно сузбивање на корупцијата и криминалот и за спречување на оштетување на државниот буџет, потенцирајќи дека остануваат отворени за поддршка и натамошна соработка, во полза на заедничките цели и приоритети.
Дел од конференцијата, на која присуствуваа и претставници на законодавната и извршната власт, меѓународната заедница и претставници на меѓународни организации, беа и видео пораки испратени од министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, министерот за правда, Бојан Маричиќ и повеќе директори и претставници на институции, кои соработуваат со Кабинетот на заменик-претседателот на Владата задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси, порачувајќи дека најсилната алатка за сочувување на една држава е спроведување на демократските процеси, почитувањето на правото и одговорното справување со криминалот и корупцијата преку почитување и унапредување на воспоставените механизми.