Заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, на покана на Бизнис конфедерацијата на Македонија, присуствуваше и се обрати на конференцијата со која се одбележаа 20 години успешно функционирање на оваа бизнис организација.
Вицепремиерот во своето воведно излагање на конференцијата го честиташе 20-годишниот јубилеј на Бизнис конфедерацијата и посочи дека очекува соработката и отворениот дијалог помеѓу Владата и организацијата да продолжи и во иднина и дека преку заеднички партнерски однос ќе се продолжат активностите кои се во функција на бизнисот и на работниците, затоа што добрите економски параметри се пресликуваат позитивно на целото општество и допираат до секој еден граѓанин или граѓанка.
„Условите за водење на бизнис се веројатно најважни за секој еден инвеститор, стопанственик, претприемач и токму тоа е она за што ние како Влада се залагаме. Политичка и економска стабилност и предвидливост, ефикасни и брзи процедури, мерки кои стимулираат технолошки развој и внесување на иновации во работењето на компаниите, поквалитетни и подобро платени работни места, верувам дека сето тоа е заедничка цел на сите нас кои сме денес тука. За да можеме да ги постигнеме овие цели потребни се партнери од доверба. Токму таков партнер е Бизнис конфедерацијата на Македонија кои професионално и правилно ги артикулираат барањата на компаниите и систематски и темелно предлагаат решенија за решавање на сите проблеми и надминување на сите предизвици, се со цел креирање на поддржувачко и охрабрувачко бизнис опкружување, кое ќе носи раст и развој на нашите компании“, започна во своето излагање Битиќи.
Вицеремиерот се осврна на дел од мерките, креирани од Владата, со кои се поддржува стопанството и се стимулира технолошкиот развој и внесувањето на иновации, како дел од реструктуирањето во нова развојна економија.
„Преку Законот за финансиска поддршка на инвестиции, ги поддржуваме сите производни фирми, во моментов во портфолиото кои го води мојот кабинет имаме околу 350 активни договори. Со моето доаѓање на оваа позиција во 2020 година, за прв пат и покрај Ковид кризата, имаме 100% исплата на државната помош кон нашите компании, што ја потврдува нашата посветеност кон нив и нашата намера да ги поддржуваме. Истото ќе го направиме и оваа година, за нас, е важно компаниите да знаат дека имаат партнер и во време полно предизвици како што се овие две последни години“, додаде тој.
Битиќи нагласи дека фокусот на Владата и на стопанството треба да биде ставен на иднината и дека кризата предизвикана од коронавирусот може да се гледа и како можност, а не само како предизвик.
„Треба да гледаме заедно напред, во пост КОВИД периодот и да видиме како можеме да извлечеме поуки, научени лекции но и да ја искористиме нашата конкурентска предност а тоа е „Near shoring“ или приближување на ланците за снабдување поблиску до големите компании. Ова е една од научените лекции во КОВИД периодот, кога далечните ланци за снабдување беа недостапни. Во пост-ковид периодот треба да ја капитализираме оваа предност која се отвора пред нас и да креираме силни вредносни ланци на компаниите во нашата земја, но и поврзување со целиот регион. Преку стимулирање на инвестициите на пазарот на Западен Балкан ќе креираме отпорен и стабилен регионален пазар. Ваквиот Ре – фокус ќе ја забрза нашата нова развојна економија преку реструктурирање на домашната економија која се темели на производство со додадена вредност што ќе носи до зголемување на БДПто, ќе го зајакне извозот, бројот на вработени и секако стандардот на граѓаните“, заврши во своето излагање вицепремиерот Фатмир Битиќи.