Царовска го честиташе 21 Декември: Турската заедница во државава се едуцира на својот мајчин јазик скоро 8 децении, а МОН континуирано ја унапредува наставата

Учењето на мајчин јазик не треба да биде привилегија. Тоа е основно право кое треба да биде овозможено секому. Ако детето учи на јазикот што прво ќе го слушне и најдобро го разбира, тогаш многу подобро ги усвојува наставните содржини и има попозитивен став кон училиштето. Кога децата можат во училиште да го користат својот мајчин јазик, тоа им го олеснува меморирањето знаења и важни информации, како и стекнувањето на низа други основни вештини.

Ова го истакна министерката за образование и наука Мила Царовска на прославата по повод 21 Декември - Денот на наставата на турски јазик, во организација на Сојузот на турските невладини организации во државата (МАТУСИТЕБ) со поддршка од Турската агенција за соработка и координација (ТИКА). 

Честитајќи им го празникот на припадниците на турската заедница во Северна Македонија, министерката потсети дека наставата на турски јазик е овозможена уште во 1944 година, а по осамостојувањето станува и уставна одредба чија имплементација е гарантирана од институциите на системот, со што, како што рече, се заштитува како суштинска општествена вредност која придонесува за развој на културниот плурализам. 

„Денес 8.300 ученици во Северна Македонија посетуваат настава на турски во основните и средните училишта, односно и за нив, образованието до 18 годишна возраст се одвива на мајчин јазик, целосно е бесплатно и најважно, постојано се унапредува преку заложбите на Владата и на Министерството за образование и наука за градење на современ и конкурентен образовен систем. Затоа што, нашата интенција е кога го унапредуваме квалитетот на националниот образовен систем, придобивките од тоа да ги почувствуваат сите ученици, независно на етничката или каква било друга припадност“, потенцираше Царовска. 

Министерката рече дека кога МОН вложува во инфраструктурни услови во образованието, подеднакво се опфатени сите општини, урбани и рурални средини, независно на етничкиот состав на населението. Исто така и кога се вложува во наставен кадар, не се прави разлика дали наставниците предаваат на македонски, албански, турски и така натаму, така што, покачените плати важат за сите, со обуките за развој на вештини се опфатени ситенаставници. 

Потсети и на новите материјали за учење по сите предмети во основно образование што се изработуваат етапно, а почнаа од оваа година, стануваат достапни на сите наставни јазици, па така и на турски јазик. 

„Од 1 септември во употреба е и нов учебник по турски јазик за прво одделение, кој ќе ја зголеми љубовта на првачињата кон мајчиниот јазик и ќе ги насочи правилно да го читаат, изговараат и пишуваат. Нов учебник има и за четврто одделение и тој исто така е напишан на начин кој го доближува турскиот јазик до учениците на кои им е мајчин јазик“, рече Царовска. 

Министерката изрази уверување дека грижата на државата кон сите граѓани, вклучително и кон припадниците на турската заедница, за обезбедување на еднаков пристап до права и услуги преку институциите на системот ќе продолжи и во иднина, затоа што тоа е дефинирано и во концептот за градење едно општество за сите, кој го креираше и започна да го спроведува актуелната владина гарнитура, а која нема да отстапи од неговото целосно исполнување. 

На одбележувањето на Денот на наставата на турски јазик, покрај министерката Царовска, присутни беа и претставници на повеќе други државни институции, како и претседателите на Собранието на Северна Македонија,Талат Џафери и на Големото национално собрание на Турција, Мустафа Шентоп.