Маричиќ - Вегенин: Соработка на сите нивоа и чекор по чекор решавање на отворените прашања

Заменик-претседателот на Владата за европски прашања, Бојан Маричиќ оствари билатерална средба со Кристиан Вегенин, заменик-претседател на Народното Собрание на Република Бугарија, во рамки на денешната официјална посета на бугарската делегација предводена од премиерот Петков.

Од разговорот кој помина низ пријателски и позитивен наратив, се испрати заедничка порака дека мора да се прошири полето на соработка помеѓу двете земји и чекор по чекор да се решаваат отворените прашања.

На средбата беа отворени повеќе теми на разговор со фокус на соработката помеѓу двете земји и на сите нивоа, како и важноста од евроинтеграцијата на Северна Македонија за регионот.

Вицепремиерот за европски прашања Маричиќ на средбата истакна дека од суштинско значење е да се воспостави блиска соработка и комуникација на сите полиња и нивоа. Во таа насока, Северна Македонија ќе започне со активирање на работните групи и тела кои се потребни за отпочнување на еден динамичен процес на евроинтеграција, а на кои треба да се гледа како на мостови за натамошна транспарентна и инклузивна соработка меѓу двете земји.

Според Маричиќ и Вегенин од заеднички интерес за двете земји е и меѓусебно поврзување на невладиниот сектор, бизнис заедницата и академската фела, што ќе резултира со подобрување на атмосферата помеѓу народите на двете земји.

Вегенин на домаќинот на средбата, заменик-претседателот на Владата за европски прашања Маричиќ му врачи подарок во знак на гостопримство и пријателство.