Промовирани 24 нови наслови од проектот за превод на 1.000 стручни книги
Маркетинг движења, Теорија на монетарните институции, Економија на микрофинансирањето, Економија на ризик и време, Стратегиско управување на пазарот... се меѓу 24 нови наслови од областа на економијата, од проектот на Владата за превод на 1.000 стручни книги од кои се учи на најреномираните светски универзитети.
Со нив бројот на преведени и отпечатени учебници достигна 601. Денешната беше 35-та промоција на книги од овој проект, кој почна во 2009-та. Домаќин беше Економскиот факултет во Скопје, а за новите изданија зборуваа министерот за образование и наука Панче Кралев и ректорот на Скопскиот универзитет Велимир Стојковски.
- Новите наслови, како и сите минати и идни изданија, даваат можност да се биде во тек со современите случувања, како и со најновите теоретски и практични содржини достапни за студентската популација од развиените земји. Тоа има позитивни ефекти врз научниот и професионалниот развој на студентите, професорите и научните работници, рече министерот Кралев. Додаде дека МОН и Владата ќе продолжат да го унапредуваат и осовременуваат високото образование.
Ректорот на УКИМ истакна дека новите наслови се најдобри во економската област и дека се од исклучително значење за Универзитетот и за образовниот процес.
- Образованието само по себе не е знаење. Тоа е процес на стекнување знаење, а за тој процес квалитетно да се одвива, меѓу другото, потребни се пошироки и продлабочени видици во светските научни достигнувања, преточени во квалитетна литература. Тоа ни го овозможуваат овие 24 нови книги, истакна ректорот Стојковски.