Државата ќе ги обучува самохраните мајки и семејствата во ризик да не се откажуваат од своите деца
„Моето семејство“ е насловот на проектот во чии рамки Министерството за труд и социјална политика и Заводот за социјални дејности преку поддршка и стручна помош ќе се обидат да ги зголемат капацитетите на самохраните мајки и еднородителските семејства во ризик, со цел да не се доведат во ситуација да се откажат од своите деца и грижата за нив да им ја доверат на државата.
- Ние се одлучивме да се погрижиме токму за овие родители и да им дадеме поддршка да ги задржат своите деца дома во своето семејство, каде што им е местото, затоа што ниту еден дом не може да биде замена за семејството, рече на денешната прес-конференција министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски презентирајќи го проектот.
За да се постигнат ваквите цели Заводот за социјални дејности со поддршка од Министерството, проектот „Моето семејство“ ќе го реализира преку обука на вработените од Установите за заштита на деца без родители и родителска грижа и стручните работници кои во центрите за социјални работи работат на оваа проблематика и чиишто услуги ќе бидат наменети за крајните корисници.
- Знаеме дека е тешко да се биде самохран родител, и знаеме дека е тешко да се донесе одлука за напуштање на своето дете. Ние сакаме пред да биде донесена одлуката на родителот да му дадеме поддршка и аргументи зошто детето треба да биде со родителот, семејството, дури и да е еднородно, а не во институција, истакна министерот Ристовски.
Според податоците со кои располага Министерството за труд и социјална работа во текот на минатата година имало 1.700 разводи. Според електронската евиденција што ја има Министерството во моментов има 76 самохрани мајки кои се корисници на парична помош од државата. Само во текот на минатата година во Домот за доенчиња во Битола се згрижени нови 78 деца, а заедно со затекнатите од претходната година биле згрижени 193 деца. Од нив 80 проценти се трајно напуштени, а 20 проценти привремено.