Министерот Попоски учествуваше на Глобалниот Безбедносен Форум „Globsec“ во Братислава


Министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Попоски учествуваше на Глобалниот Безбедносен Форум “GLOBSEC“ што се одржува во Братислава од 12. до 14. април 2012. година, во организација на Словачката атлантска комисија и Атлантскиот совет на САД.


Во претпладневниот дел Форумот работеше  на теми за иднината на ЕУ и трансатлантската соработка, европската економска интеграција, безбедносната соработка во рамките на Вишеградската група,  Авганистан по 2014 година, иднината на европската енергија, арапската пролет, ревитализацијата на европската безбедност и одбрана, Балканот и ЕУ и др.


Министерот Попоски присуствуваше на панелите посветени на Балканот и ЕУ, Авганистан по 2014 година и предизвиците за земјите од Западниот Балкан на нивниот пат кон евроатланските интеграции.


На маргините од Форумот, министерот Попоски оствари повеќе средби, меѓу кои и со Иво Даалдер, амбасадор на САД во НАТО, Курт Вокер, поранешен Амбасадор на САД во НАТО и Директор на Центарот за трансатлантски односи на Универзитетот Џонс Хопкинс во Вашингтон и Иван Вејвода потпретседател на Германскиот маршалов фонд во Вашингтон.


Разговорите беа фокусирани на европските и евроатланските интеграции на Република Македонија во пресрет на Самитот на НАТО во Чикаго. Министерот Попоски информира за  реформите што нашата држава ги спроведува со цел постигнување на полноправно членство во НАТО и во ЕУ. Давајќи целосна поддршка на нашите напори за полноправно членство во евроатланските структури, соговорниците ја нагласија важноста на зачувувањето на кредибилноста на процесот на проширување, истакнувајќи го притоа моментумот на исполнување на заемните обврски. Според нив, овој процес мора да се заокружи, не само заради Република Македонија, туку и заради стабилноста на целиот Регион.


Министерот Попоски оствари средби и со еврокомесарот Штефан Фуле, со министерот за надворешни работи на Бугарија, Николај Младенов и министерот за надворешни работи на Албанија, Едмонд Хаџинасто, пратениците во Европскиот парламент, Ана Ибрисагиќ, Чарлс Танок и Едвард Кукан, како и со Брус Џексон, претседател на проектот Демократии во транзиција.