Попоски: Членството во ЕУ претставува силна кохезивна сила за македонското мултиетничко општество


Министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Попоски во излагањето на панелот насловен „Балканот и ЕУ: Нови односи“ во рамки на Глобалниот безбедносен форум „Globsec“ во Братислава, истакна дека членството во ЕУ ужива огромна поддршка во јавноста и претставува силна кохезивна сила за македонското мултиетничко општество, но и дека блокираните перспективи влијаат негативно на довербата на јавноста во институциите на ЕУ.


Попоски, соопшти Министерството за надворешни работи, во своето излагање, меѓу другото, потсети дека Република Македонија е земја-кандидат за членство повеќе од шест години и дека доби три последователни препораки од Европската комисија и од Европскиот парламент за отпочнување на преговорите за членство во ЕУ. Нагласи дека одлуката на Советот на ЕУ се одлага во повеќе наврати заради противењето на Грција за прашањето со името.


Излагања на панелот имаа и министрите за надворешни работи на Словачка, Мирослав Лајчак, и на Албанија, Едмонд Хаџинасто. Централна тема во излагањата на панелистите беше регионалната соработка во Западниот Балкан и напредокот на земјите од регионот на нивниот пат кон евро и евроатлантските структури. Едногласна беше нивната позиција дека Западниот Балкан е успешна приказна.


По настапот и дискусиите, министерот Попоски оствари и билатерална средба со министерот Лајчак. Во фокусот на разговорите беа прашања од регионален контекст, изборите во Грција и Србија, Процесот за соработка на Југоисточна Европа, чие претседавање го презема Република Македонија во јуни, спорот за името со Грција и евро-атлантските интегративни процеси. Министерот Лајчак ја нагласи целосната поддршка на Словачка на нашите напори за полноправно членство во евроатланските структури, се наведува во соопштението од МНР.