Честитка од премиерот Груевски до поглаварот на МПЦ г.г. Стефан и православните верници по повод Велигден


До: Поглаварот на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија
Архиепископ Охридски и Македонски Господин Господин Стефан


Ваше блаженство,


Во пресрет на најголемиот христијански празник Воскресение Христово Велигден, дозволете ми, во мое лично име и во име на Владата на Република Македонија, Вам, на членовите на Синодот, на ценетото свештенство и монаштво, како и на сите православни верници во Македонија и во дијаспората, да Ви го честитам празникот над сите празници и да Ви посакам величествено Велигденско празнување.


Во овие моменти на чествување, заеднички да ја воспееме вечноста и победата на животот над смртта и да го прославиме времето дарено од Бога преку пронаоѓање на вистинските вредности во животот. Почитта и љубовта кон нашата вера и нашиот Спасител нека ја исполни нашата душа и нека ги насочи нашите мисли кон препознавање на великодушниот подвиг. Нашиот милостив Бог воскресна и страдањето го направи блажено, доброто го победи злото и направи пат кон уживање на благодетите на животот.


Денес сите ние се издигнуваме над искушенијата, го славиме спасението и богоугодниот пат, пред невредностите. Нека секоја христијанска душа во овие моменти се потсети на праведноста, љубењето на ближниот и ја пронајде среќата во секоја подарена насмевка, подадена рака и спокоен збор.


Во исто време, да си посакаме од нашиот Бог, да ни помогне и да не насочи и поучи во сите наши искушенија. Ние сме народ кој знае да го чествува Велигден и сите наши празници, како што знае и да се справува со предизвици. На овој спасоносен ден, да посакаме Бог да ни дарува сили за нови успеси, да истраеме во искушенијата, да го зачуваме духовниот мир и националното достоинство, зашто така ни доликува како на богољубив и човекољубив народ, да покажеме единство во верата, единство во државата, да си се почитуваме себеси, да ги почитуваме нашите роднини и пријатели, да ги почитуваме нашите соседи и сограѓани, да си ја сакаме и да работиме за изградба на силна и модерна Македонија.


 


Нека ни е честит Велигден и за многу години !!!


 


Христос воскресна - НАВИСТИНА ВОСКРЕСНА!


 


 


Никола ГРУЕВСКИ