Резолуција на Сенатот и Парламентот на Вермонт врачена на министерот Бесими

Во чест на посетата на министерот за одбрана Фатмир Бесими на сојузната држава Вермонт како дел од официјалната посета на САД, успешната соработка помеѓу Република Македонија и Вермонт како и заедничкото партнерство помеѓу Националната гарда на Вермонт и АРМ, претседавачот на Генералното собрание на Вермонт на министерот Бесими му предаде резолуција донесена од страна на Сенатот и Парламентот на Генералното собрание на сојузната држава.

Резолуцијата укажува на улогата на Република Македонија како фактор на стабилност во Регионот, потенцирајќи го нејзиното значење во косовската криза во 1999 година, дадената логистичката поддршка за силите на КФОР и, во тој контекст, формирањето на Координативниот центар за поддршка на земјата-домаќин во рамките на Министерството за одбрана. Дополнително, преку резолуцијата се изразува поддршка за учеството на Република Македонија во НАТО-предводените операции како и за проактивниот став на Република Македонија во однос на регионалната соработка.

Во неа се искажува и благодарност за залагањата и посветеноста на Република Македонија во заедничкото учество со Вермонт и останатите партнери во ширењето на мирот, на демократијата, на стабилноста и на меѓусебното разбирање помеѓу владите и народите во светот.