Средба Панета-Бесими во Пентагон
САД благодарни за придонесот во коалиционите сили, со нетрпение го очекуваат приемот на Македонија во НАТО.
Секретарот за одбрана Леон Панета на средбата во Пентагон со министерот за одбрана на Република Македонија, Фатмир Бесими, разговарал за редица одбранбени и безбедносни прашања и изразил благодарност за непоколебливиот придонес на земјата во операциите на коалиционите сили. Според портпаролот на Пентагон, Џорџ Литл, Панета му порачал на Бесими дека со нетрпение го очекува идниот прием на Македонија во НАТО. Првите луѓе на одбраните на САД и Македонија размениле и идеи за регионалните односи во Југоисточна Европа и како да се зачуваат суштински важните капацитети во услови на сегашната буџетска ситуација, особено во однос на иницијативите на НАТО од областа на таканаречената „мудра одбрана“.
Министерот Бесими веднаш по средбата даде интервју за Гласот на Америка на македонски.
Глас на Америка: Што донесе средбата со секретарот за одбрана Леон Панета?
Фатмир Бесими: Средбата беше одлична и во пријателска атмосфера. Разговаравме за теми кои беа значајни во областа на билатералната, регионалната соработка, како и евроатлантските интеграции, осносно зачленувањето во НАТО.
Глас на Америка: Кои се очекувањата од Самитот на НАТО во Чикаго?
Фатмир Бесими: Тоа што е битно дека нема да создадеме нереални очекувања дека таа работа е договорена и шансите се големи, затоа што тргнуваме од позиција кога во агендата во Чикаго го нема проширувањето. Сите наши активности одат во насока што повеќе да се сензибилизира прашањето за зачленувањето во НАТО. Тоа е од интерес за Македонија, за регионот, но и за Алијансата.
Глас на Америка: Дали прашањето за името се наметна во разговорите со официјални американски лица за време на посетата на САД?
Фатмир Бесими: Да, секако. Тие експлицитно ги поддржуваат нашите напори за членство во НАТО. Го поздравуваат нашиот придонес во меѓународните мисии. Во однос на прашањето за името, охрабруваат да се најде взаемно прифатливо решение меѓу Македонија и Грција. Нашата заложба е да се каже дека Република Македонија е отворена за разговори и дека е заинтересирана за НАТО. Македонија во однос на глобалниот мир и безбедност нема алтернатива. Нашиот пристап во решавањето на прашањето за името е - партнери во решение наспроти ривали во проблем. На прашањето гледаме како на предизвик за двете страни, и обете страни да пристапиме за решавање на ова прашање.
Глас на Америка: Македонските војници рамо до рамо учествуваат во мисијата ИСАФ во Авганистан. Дали стана збор за евентуално зголемување на нивниот број?
Фатмир Бесими: Стана збор за трансформацијата на мисијата на НАТО во Авганистан по 2014-та. Нашиот став е дека Република Македонија ќе ги следи одлуките што ќе се донесат на Самитот во Чикаго. Како ќе се договорат членките на НАТО, така и ние, согласно нашиот капацитет, ќе имаме свој придонес во НАТО. Ние остануваме кридибилен партнер на НАТО и остануваме меѓу петте земји со најголемо учество во ИСАФ според бројот на жители.
Една од темите во Пентагон беше доколку Македонија може да добие покана за членство на Самитот во Чикаго и во пристапниот процес кој вообичаено трае две години, да се најде заедничко прифатливо решение. Меѓутоа, за еден ваков пристап да се реализира, потребна е согласност и од Македонија, и од Грција.
Извор: „Глас на Америка“
Новинар: Јане Бојаџиевски