„Грижата за земјоделците и конкретно за лозарите е постојана - затоа резултатите се видливи и претставуваат дополнителна мотивација. И покрај економската криза, во текот на 2021 година регистрирано е зголемено откупување на грозје кај регистрираните откупувачи, а исто така зголемен е и извозот на вино од нашата земја којашто достигна ниво од 49 милиони евра во минатата година“, рече Ковачевски при закројувањето на лозјето во село Трстеник, во придружба на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски и подвлече дека Владината долгорочна стратегија за обезбедување сигурно производство и откуп на грозјето ја надмина долгогодишната неизвесност на лозарите и обезбеди поволен амбиент за стопанисување и за лозарите и за винариите.
Честитајќи го денешниот празник на лозарите и посакувајќи успешна година и за лозарите и винарите, Ковачевски посочи дека Владата, со динамично темпо ги исполнува ветувањата кон земјоделците и лозарите за што има видливи резултати.
Лозарите уште на почетокот на новата лозарска година, исто како и лани ги добија субвенциите за поддршка, и го стартуваат новиот циклус со средства кои ќе им помогнат успешно да ја затворат годината. Тој додаде дека во оваа насока од голема помош е и зголемувањето на поддршката со цел анулирање на зголемените трошоци за нафта, како и мерките од ИПАРД Програмата, кои обезбедуваат инвестиции за изградба на винарници, набавка на опрема и други потребни средства за модернизирање и развој на оваа гранка.
„Во таа насока е и поддршката за микро винарниците. Сега, тие имаат можност да аплицираат за грантови во висина од 10.000 евра за опрема и консултантски услуги на енолози, за поефикасно работење и пласман на поквалитетни производи“, истакна Ковачевски, кој ја посети винарницата „Гоце Делчев“, а потоа ќе ги посети и Кавадарци и Демир Капијa.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, потенцираше дека во однос на субвенциите исплатени се над 9,4 милиони евра субвенции за лозови насади на 13.854 лозари, а од 2017 година, за поддршка на лозарите за мерката за исплата по површина се исплатени околу 45 милиони евра.
„Секогаш кога имаше потреба, кога лозарите се соочува со проблеми, помагавме со дополнителни мерки, исто како што помогнавме и во здравствено-економската криза предизвикана од КОВИД пандемијата. Вкупно за 4 години за дополнителни мерки и преку КОВИД - програмата за поддршка на лозарите исплативме над 16 милиони евра“, подвлече Николовски кој оцени дека со Владината поддршка се реши еден долгогодишен проблем на лозарите враќајќи ги парите кај лозарите што им ги должеа дел од винарниците, за да можат повторно да инвестираат во лозовите насади.
На денешниот настан, беа упатени пораки до лозарите дека Владата останува партнер на лозарите и винарите и продолжува со мерките и стимулациите за производство на квалитетно вино на пазарот, за што поголема промоција на квалитетното вино од нашата земја и зголемување на извозот.
По посетата, премиерот Ковачевски даде изјава за медиумите, која ви ја пренесуваме во целост:
„Денеска го празнуваме трудот на лозарите, го славиме виното и им оддаваме признание на винарите, како една од земјоделските дејности со најголем раст.
Под покровителство на Свети Трифун, заштитникот на лозарите, го закроивме лозјето овде во Росоман, и ќе продолжиме уште во Кавадарци и Демир Капија. Заедно со лозарите и винарите се радуваме на почетокот на нивната нова година и го славиме нашето македонско вино по кое сме познати и почитувани во светот.
За да ги направиме нашите вина и винската индустрија уште поконкурентни во светски рамки, презедовме обврска да вложуваме во лозарството. Уште на почетокот на новата лозарска година, исто како и во претходните, лозарите ги добија субвенциите за поддршка. Новиот циклус тие го стартуваат со финансиски средства кои ќе им помогнат со успех да ја започнат и продолжат оваа година.
Грижата за земјоделците и конкретно за лозарите е постојана - затоа резултатите се видливи и претставуваат дополнителна мотивација. И покрај економската криза, во текот на 2021 година регистрирано е зголемено откупување на грозје кај регистрираните откупувачи, а исто така зголемен е и извозот на вино од нашата земја којашто достигна ниво од 49 милиони евра во минатата година.
Нема веќе неизвесност за лозарите. Ветувањата кон нив со истото динамично темпо ги исполнуваме. Нашата долгорочна стратегија е сигурно производство и откуп на грозјето, а Владата е посветена на создавање амбиент за стопанисување кој ќе биде поволен и за лозарите и за винариите.
Во таа насока е и поддршката за микро винариите. Сега, тие се имаат можност да аплицираат за грантови во висина од 10.000 евра за опрема и консултантски услуги на енолози, за поефикасно работење и пласман на поквалитетни производи.
Дополнително, во новата Програма за финансиска поддршка во земјоделството, за да се анулираат зголемените цени и трошоци за нафта е предвидено зголемување на поддршката конкретно за мерката зелена нафта. Мерките од ИПАРД Програмата пак, се дополнителна поддршка за модернизирање и развој на оваа гранка преку инвестиции за изградба на винарници, набавка на опрема и други средства.
Дозволете ми уште еднаш да го честитам празникот на лозарите, Свети Трифун.
Нека е аирлија и оваа година за лозарите и винарите. Уште многу години да го одбележуваме овој празник во овој наш преубав тиквешки крај и насекаде низ земјата каде што се негува виновата лоза“.